Свет
Ал Судани: Убиен командант на ИСИС за Ирак
Ирачкиот премиер Мохамад Шија ал-Судани денеска соопшти дека командантот на Исламската држава (ИСИС) за Ирак е убиен во операција во планините Хамрин во североисточен Ирак.
Не беа објавени дополнителни информации во врска со ова, објави иранската новинска агенција Мехр.
ИСИС, која го нападна Ирак на 7 јуни 2014 година и за кратко време успеа да заземе околу 45 отсто од територијата на земјата, беше поразена во ноември 2017 година.
Сепак, оттогаш преостанатите членови на оваа група се присутни и активни во Ирак и Сирија и одвреме-навреме извршуваат терористички напади, наведува иранската агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган: Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС
Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС и очекува дека претстојниот самит во Казан ќе даде поттик на овој потфат, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Искрено сакаме да ја продлабочиме нашата соработка со БРИКС. Верувам дека самитот во Казан значително ќе придонесе за овие напори“, рече Ердоган во Анкара.
Според турската телевизија ТРТ Хабер, Ердоган потврдил дека „на покана на рускиот претседател Владимир Путин утре ќе го посети Казан за да учествува на проширената средба на лидерите на БРИКС“.
Свет
Италијанец пред 20 години направил скара во дворот и поради тоа се’ уште се тужат со соседот, отпочната нова постапка
Невообичаен спор меѓу две италијански семејства за скара која е премногу блиску до оградата продолжува и по 20 години, објавија денеска италијанските медиуми.
Судот во градот Тавернеле во провинцијата Виченца го врати овој случај пред Апелациониот суд во Венеција, пишува „Кориере дел Венето“.
Спорот започнал во далечната 2004 година кога семејството Тонин се обратило до судот во Виченца бидејќи им пречел чадот од скарата на нивниот сосед, за која велат дека била изградена премногу блиску до оградата меѓу двата имота.
Во 2007 година, првостепениот суд го одби барањето за уривање на скарата од тули, сметајќи дека не се работи за градба која би била опфатена со уредбата за урбанистичко планирање.
Наместо тоа, судот му наложи на семејството Коча-Монтеризис да најде начини да го намали количеството чад што е вознемирувачко.
Семејството Тонин ја обжали оваа одлука, за да го изгубат случајот повторно во 2019 година. Потоа двете семејства поднесоа жалба до Врховниот суд, кој сега нареди нова постапка, прифаќајќи ја жалбата на Тонин, со образложение дека скарата од тули мора да се смета и за „изградена структура“ и дека поради тоа подлежи на прописите за урбанистичко планирање.
Свет
Зеленски: Украина не бара од Западот нуклеарно оружје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја не бара од западните сојузници нуклеарно оружје за да се бори против руската инвазија.
„Ние не бараме да ни се даде нуклеарно оружје“, им рече тој на новинарите, пренесуваат светските агенции.
Во говорот во Брисел минатата недела Зеленски рече дека Украина треба да има нуклеарно оружје доколку не може да биде дел од НАТО.
„Или Украина да има нуклеарно оружје, кое ќе служи како нејзина заштита, или ќе биде дел од некој вид сојуз“, рече Зеленски во четвртокот додавајќи дека не знае за поефективен сојуз од НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој и самиот постојано зборуваше за нуклеарната закана од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, изјавата на Зеленски ја нарече опасна провокација.
„Можам веднаш да кажам дека Русија во никој случај нема да дозволи тоа да се случи“, рече тогаш Путин.
Во написите се анализира дека по распадот на Советскиот Сојуз, Украина се согласи да ѝ го предаде на Русија советското нуклеарно оружје што се наоѓа на нејзина територија во согласност со договорот склучен во 1994 година, познат како Будимпештански меморандум.
Во понеделникот Зеленски оцени дека неговата земја го предала своето нуклеарно оружје, без да добие ништо за возврат.
„Требаше да го замениме за членство во НАТО“, додаде претседателот на Украина.
Украина има стратешка цел да ѝ се приклучи на алијансата, која ја гледа како единствена вистинска заштита против рускиот сосед.
„Токму затоа што Украина нема оружје што може да го запре Путин, ѝ треба НАТО“, додаде Зеленски.
Тој потсети дека му предложил на Западот како дел од неговиот план за победа распоредување ненуклеарни средства за одвраќање на украинска територија.