Свет
Американец обвинет дека до смрт ја претепал ќерка си поради домашна задача
Триесет и шестгодишен маж, Брендон Рејнолдс, е обвинет во петокот во сојузната држава, Ново Мексико во САД, поради тоа што до смрт ја истепал неговата петгодишна ќерка бидејќи не сакала да ја напише домашната задача, јави „Еј-би-си њуз“.
Рејнолдс изјавил дека почнал да го удира девојчето околу 20 часот во четвртокот, бидејќи одбило да ја напише домашната задача и не памети што се случило потоа, се наведува во полицискиот извештај.
Таткото ја повикал службата 911 во 1 часот по полноќ бидејќи на девојчето, како што рекол, престанало да му работи срцето. Лицата од итната помош веднаш сфатиле дека станува збор за насилство врз дете и ја повикале полицијата.
Вработените од итната служба се обиделе да го вратат девојчето во живот, но немало спас.
Според полицискиот извештај, на ѕидовите во дневната соба била пронајдена крв. Истрагата утврдила дека девојчето претрпело повеќе удари со чевел и имало модринки по телото.
„Ова е трагедија и нашите службеници и истражители внимателно работат за да осигураат правда за ова мало девојче“, изјави шефот на полицијата, Мајкл Геир.
Од полицијата додаваат дека во семејството претходно немало насилство. Инаку, по разводот со сопругата, таткото го добил старателството врз девојчето поради сомнеж дека мајката консумирала марихуана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Борел: Без поддршката на Западот, војната во Украина ќе завршеше за 15 дена
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека војната во Украина ќе заврши за 15 дена доколку западните сојузници престанат да ја поддржуваат таа земја.
„Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно поскоро. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и рускиот претседател Владимир Путин ќе ги постигне неговите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците? – изјави шефот на европската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „20 минути“.
Тој повтори дека сојузниците мора да направат се што е во нивна моќ за, кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.
Свет
Шолц: Германија стои до Израел, мора да се спротивставиме на терористите на Хамас
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Германија стои на страната на Израел, нагласувајќи дека мора да се спротивстави на терористите на Хамас.
Тој ова го рече на отворањето на Меѓународната конференција за одржливост што се одржува во Хамбург и посочи дека официјален Берлин го поддржува прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците и почетокот на политичкиот процес, дури и ако тоа изгледа потешко од кога било.
– Решението со две држави може да биде единствена цел за секој политички процес – рече Шолц.
Според него, изминатата година на војна, му донесе незамисливо страдање на палестинското население во Појасот Газа.
„Хезболах и Иран мора веднаш да ги запрат нападите врз Израел“, рече Шолц и предупреди дека овие напади претставуваат уште една ескалација во инаку тензичната ситуација на Блискиот Исток.
Израел денеска ја одбележува првата годишнина од нападот на палестинската милитантна група Хамас, а израелскиот претседател Исак Херцог го започна денот со едноминутно молчење во Кибуц Реим.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа најмалку 370 луѓе, а во војната што тогаш избувна и се уште трае, до крајот на септември годинава загинаа повеќе од 43.000 луѓе, од кои 41.431 Палестинци, најмногу во Појасот Газа.
Повеќе од половина од зградите во Појасот Газа се уништени, а речиси целото население на Газа е раселено – приближно 2,3 милиони луѓе.
Свет
Бербок не исклучува можност дека Украина со германско оружје ќе напаѓа воени објекти во Русија
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека не ја исклучува можноста Украина да нападне воени објекти во Русија со оружје од германски залихи во самоодбрана.
Бербок изјави за германскиот јавен радиодифузен сервис АРД дека не сака јавно да разговара за тоа колку длабоко нападите би можеле да допрат до руска територија.
Германската министерка истакна дека не треба да се дефинираат конкретни растојанија како „десет, 40 или 200 километри“, бидејќи, како што наведе, руската армија може да има корист од тоа.