Свет
Американската база во Ирак погодена од дронови, сирени се огласија во Амбасадата во Багдад
Соединетите Американски Држави извршија напади вчера во Сирија вторпат во неколку недели врз објект за кој Пентагон вели дека го користат иранската револуционерна гарда и поврзани групи, а вооружен дрон ја нападна воздухопловната база „Ал-Харир“ во северен Ирак, каде што се наоѓаат американските сили.
Додека се зголемуваат тензиите за конфликтот меѓу Израел и Хамас, американските и коалициските трупи ги нападнаа проиранските сили најмалку 40 пати во Ирак и Сирија од почетокот на октомври. Четириесет и пет американски војници претрпеле трауматски повреди на мозокот или полесни повреди. Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, објави дека нападите во Сирија ги извршиле два американски борбени авиона „Ф15“ и дека тоа е одговор на неодамнешните напади врз американските сили.
Остин рече дека нападите врз американските војници мора да престанат. Ако продолжат нападите на силите поддржани од Иран против американските сили, САД „нема да се двоумат да преземат дополнителни неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, рече Остин.
Се зголемува загриженоста дека конфликтот меѓу Израел и Хамас може да се прошири низ Блискиот Исток и да ги претвори американските војници во изолираните бази во цели. САД испратија воени бродови и борбени авиони во регионот по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, вклучително и два носача на авиони, во обид да ги одвратат Иран и групите поддржани од Иран.
Во моментот има речиси 900 американски војници во Сирија и 2.500 во соседен Ирак како дел од мисијата за советување и помош на локалните сили, кои се обидуваат да го спречат обновувањето на Исламската држава, која зазеде големи делови од двете земји во 2014 година, но подоцна беше поразена.
Вооружено беспилотно летало ја погоди воздухопловната база „Ал Харир“ откога се огласија сирените поради можен напад врз американската амбасада во Багдад, соопштија вчера два безбедносни извори. Сирените се огласија во американската амбасада во средата вечерта, изјавија неколку луѓе во силно утврдената зелена зона во Багдад, каде што се наоѓа Амбасадата.
Сепак, нема извештаи за ракетни напади или жртви. Одговорноста за последниот напад ја презеде Групата на исламскиот отпор во Ирак наведувајќи во соопштението дека целта на воздухопловната база „Ал Харир“ била со две беспилотни летала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.

