Свет
Американските лекари предупредуваат: Четворица починати на Флорида од бактерија што „јаде месо“
Редок тип на бактерија, која предизвикува некроза на ткивото (позната како бактерија што јаде месо) усмртила најмалку четири лица на Флорида оваа година, соопштија здравствените власти на оваа американска сојузна држава.
Во изминатите неколку месеци се пријавени најмалку 11 случаи на инфекција со бактеријата Vibrio vulnificus во округите Беј, Брауард, Хилсборо и Сент Џонс – области во централна Флорида, популарни кај туристите и крајбрежните заедници.
„Во разни води живеат многу видови бактерии“, изјави инфектологот Даниел Иган од болницата „Орландо хелт“. Vibrio vulnificus е бактерија што сака солена вода. Властите засега не откриваат повеќе информации за починатите.
Иако ретка, инфекцијата со оваа бактерија може да биде многу сериозна. Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC) годишно бележи помеѓу 150 и 200 пријави. Бактеријата може да предизвика некротизирачки фасцитис – сериозна инфекција, при што ткивото околу отворена рана бргу умира. Многу пациенти завршуваат на интензивна нега, а во некои случаи е потребна и ампутација.
Стапката на смртност изнесува приближно 20 отсто, а доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да достигне и до 50 проценти. Во многу случаи смртта настапува во рок од два дена по појавата на првите симптоми. Бактеријата се развива во топли, солени и мешани (солено-сладководни) води.
Лекарите предупредуваат дека со глобалното зголемување на температурите бактеријата може да се прошири и на области во кои претходно не постоела. Најактивна е од мај до октомври кога температурите на морето се највисоки.
Симптомите вклучуваат повраќање, дијареја, висока температура, треска, забрзано чукање на срцето и дезориентација. Кај здрави лица инфекцијата може да помине без сериозни последици, но многу поранливи се лицата со хронични заболувања или ослабен имунитет, вклучувајќи и болни од рак.
Во 2024 година CDC регистрирал 82 инфекции и 19 смртни случаи – речиси двојно повеќе од претходната година. Порастот се поврзува со невообичаено големиот број доцносезонски урагани на Флорида и на југоистокот на САД.
Бројот на случаи нагло се зголемил по ураганите Милтон и Хелена кога водите од поплавата потиснале топла солена вода кон копнените населени места, што довело до поголема изложеност на луѓето на бактеријата. Научниците предупредуваат дека климатските промени дополнително ќе го зголемат бројот на вакви инфекции. Потоплите океани создаваат посилни бури и подолги урагански сезони – идеални услови за ширење на Vibrio vulnificus.
Министерството за земјоделство на САД проценува дека годишните трошоци за лекување инфекции од вакви бактерии ќе достигнат 6,1 милијарди долари до 2090 година во споредба со 2,6 милијарди долари во 1995 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

