Свет
Американските разузнавачи го информирале Трамп за закани за атентат од Иран
Врвните функционери на американската разузнавачка заедница го информирале републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп за закани за атентат од Иран, изјави портпаролот на кампањата на Трамп.
„Трамп претходно беше информиран од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за реални и конкретни закани за атентат од Иран во обид да ги дестабилизира САД и да предизвика хаос“, изјави портпаролот Стивен Чеунг, а пренесува „Еб-би-си њуз“.
Се додава дека претставниците на разузнавањето заклучиле дека овие постојани и координирани напади се зголемиле во текот на изминатите неколку месеци и дека службениците од сите агенции работат на тоа да обезбедат Трамп да биде заштитен и дека претседателските избори се слободни и спроведени без мешање.
Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации во Њујорк не одговори веднаш на барањето за коментар на оваа информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски во Белата куќа ќе му го претстави својот план на Бајден
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да му го открие својот план за победа на американскиот претседател, Џо Бајден. Киев очекува силна поддршка од американскиот лидер пред Зеленски да ја напушти Белата куќа.
Како што пренесува Би-би-си, висок функционер во Киев изјавил дека сакаат „Бајден да испише историја“ во неговите последни месеци на функцијата.
Иако Киев сè уште ги чува деталите од планот во тајност, стратегијата, најверојатно, ќе вклучува молби за понатамошна воена и финансиска поддршка, како и безбедносни гаранции за иднината. Зеленски вели дека планот е дизајниран како мост за ставање крај на војната за која верува дека може да заврши побргу отколку што мислат луѓето.
Доколку Западот ја зајакне позицијата на Украина, тврди Зеленски, рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде принуден на дипломатско решение на конфликтот.
„Оваа војна не може да се реши со преговори. Потребна е акција“, рече Зеленски доцна синоќа пред Советот за безбедност на ОН.
Украинскиот претседател исто така има цел да се соочи со критичарите во САД, кои ја доведуваат во прашање одлуката да се даваат дополнителни пари во Украина и да се промовира план за конечен мир.
Зеленски почна голема дипломатска офанзива во изминатите неколку дена во Обединетите нации. Така зборуваше завчера на дебатата за реформирање на ОН. Тој вчера се обрати пред Советот за безбедност, а денеска ќе одржи говор на Генералното собрание.
Во меѓувреме, тој се среќава со светски лидери и американски политичари. Ја посети фабриката за муниција во Скрентон, родниот град на Џо Бајден во Пенсилванија, која произведува гранати за украинската артилерија.
Тој е многу јасен за една работа – времето е кратко. Во едно од своите многубројни интервјуа Зеленски рече дека планот за победа мора да се прифати, а Украина мора да зајакне, и тоа во следните три месеци.
„Овој план е дизајниран првенствено имајќи ја предвид поддршката на Бајден“, изјави тој за „Њујоркер“. Таа поддршка во никој случај не е загарантирана, но Зеленски ги фрли сите карти на неа, посочува Би-би-си во анализата.
Причината е едноставна – ситуацијата значително ќе се промени доколку Доналд Трамп победи на изборите. Поранешниот претседател на предизборна средба пред неколку дена го исмејуваше Зеленски како „најголемиот бизнисмен во историјата“ затоа што „секогаш кога ќе дојде во оваа земја, си заминува со 60 милијарди долари“.
Трамп го повтори својот став дека ќе ги покани Русија и Украина на договор за ставање крај на војната за која Киев стравува дека ќе ги натера да прифатат територијални загуби, без да добијат никакви гаранции против натамошната руска агресија.
Свет
Кремљ: Зеленски направи фатална грешка
Русија соопшти дека планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја принуди Москва на мир е фатална грешка за која Киев ќе ги трпи последиците.
Зеленски му порача на Советот за безбедност на Обединетите нации дека војната меѓу Русија и Украина не може да се запре само преку преговори, туку дека Москва мора да биде принудена да постигне мир.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите: „Таквиот став е фатална грешка, системска грешка. Тоа е длабока заблуда, која неизбежно ќе има последици за режимот во Киев“. Песков рече дека Русија сака мир, но дека прашањето не може да се реши со сила.
„Позицијата заснована на обид да се принуди Русија на мир е апсолутно фатална грешка бидејќи е невозможно да се принуди Русија да постигне мир“, додаде тој и нагласи дека Русија поддржува мир, но дека за тоа ѝ се потребни гаранции.
Рускиот претседател Владимир Путин во јуни изјави дека Русија ќе стави крај на војната во Украина само доколку Киев се откаже од своите аспирации за членство во НАТО и целосно ги предаде четирите провинции што ги поседува Москва, кои Киев бргу ги отфрли како услови еднакви на предавање.
Украина и нејзините западни сојузници тврдат дека победата на Путин во војната треба да биде спречена бидејќи, доколку не се запре, ќе им се закани на другите земји од соседството.
Свет
Гроси: Ја гледам подготвеноста на Иран повторно да се вклучи во нуклеарното прашање
Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека гледа поголема подготвеност на иранските власти за позначајно ангажирање со МААЕ по разговорите во Њујорк кога станува збор за иранската нуклеарна програма.
Гроси во интервју за „Ројтерс“ изрази надеж дека во октомври ќе отпатува за Техеран на средби со ирански претставници.
Гроси рече дека иранската нуклеарна програма продолжува да се развива со предвиденото темпо поради што би сакал да ги забрза напорите во наредните недели да се постави основа за разговори меѓу Иран и западните земји за иранската нуклеарна програма.
Директорот на Иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, претходно овој месец изјави дека има планови Гроси да го посети Иран, како и дека иранскиот амбасадор во МААЕ се сретнал со Гроси како дел од подготовките за посетата, пренесува „Танјуг“.
Еслами изјави дека МААЕ постојано објавува дека нема отстапувања во иранската нуклеарна програма и дека надзорот на МААЕ над иранските нуклеарни локации останува недопрен, а бројот на инспектори не е намален, туку зголемен, објави претходно иранската јавна новинска агенција „Фарс“.
Еслами отфрли каков било политички притисок или принуда во врска со прифаќањето на инспекторите на МААЕ тврдејќи дека Иран има законско право да прифати или одбие кој било инспектор.