Свет
Американските санкции против „Северен тек 2“ го нарушуваат суверенитетот на ЕУ
Во интервју за рускиот весник „Известија“ објавено денеска, германскиот политичар од партијата Дие Линке, Клаус Ернст, вели дека Берлин може да одговори на евентуалните нови санкции на САД против проектот за гасоводот „Северен тек 2“.
„Актуелната закана од САД за воведување вонредни санкции на проектот не може да се смета како чин на пријателство. Ова го нарушува суверенитетот на Германија и на ЕУ“, посочи Ернст, кој е член на Комисијата за економски прашања и енергија во Бундестагот.
Тој предупреди дека ако тоа не запре, Германија ќе мора да разгледа сериозни мерки за да се заштитат, на пример, тарифите за американскиот природен гас.
Со сличен став е и Тимон Гремелс, член на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој изјави за „Известија“ дека новите санкции од САД нема да ја запрат изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
„Забраната за работа на гасоводот, за која се дискутира во САД, очигледно го одразува ставот на Вашингтон дека Русија ќе може да го заврши проектот самостојно. Германија, од своја страна, има намера да го набљудува и оценува понатамошниот развој на ситуацијата со цел да се поддржи завршувањето на ‘Северен тек 2’“, рече Гремелс.
Членот на германската Слободна демократска партија (ФДП), Мартин Нојман, истакна дека кога станува збор за одржливиот пазар на енергија, Берлин не треба да биде загрижен за прашањата поврзани со геополитиката.
„Ова важи и за ‘Северен тек 2’, кој сигурно ќе ги исполни барањата на Европа за гас. И покрај улогата на руските енергетски снабдувачи, европскиот пазар на гас е многу конкурентен и тврдам дека земјите од ЕУ треба да бидат поактивно вклучени во овој проект“, истакна Нојман.
Маркус Пипер, член на Комисијата за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент (ЕП), пак, ги критикува санкциите на САД како неприфатливо мешање во европската и трговската политика. Тој за „Известија“ рече дека Европската комисија треба да заземе јасен став за проблематичните пристапи, што ги практикуваат САД во меѓународната трговија.
Забелешките на германските пратеници следуваат по написот на „Блумберг“ минатата недела дека двопартиска група американски сенатори имаат намера да воведат нацрт-закон, кој ќе ги таргетира осигурителните компании што работат со руски пловни објекти за проектот „Северен тек 2“.
На предлог-законот му претходеше воведувањето санкции од Вашингтон против проектот со таргетирање на сите компании и лица вклучени во давање услуги на гасоводот и се заканите дека ќе ги поништат нивните американски визи и ќе ги замрзнат нивните финансиски средства во САД.
Белата куќа континуирано се спротивставува на проектот тврдејќи дека кога ќе се заврши, ќе ѝ помогне на Русија да ја зголеми својата политичка моќ во Европа.
Москва вели дека американските санкции нема да го нарушат спроведувањето на проектот „Северен тек 2“ и дека таквите активности ги гледа како манифестација на нелојална конкуренција спротивна на меѓународното право.
Германија, една од клучните членки на проектот, постојано истакнува дека причините за изградба на гасоводот се чисто економски. Во јануари канцеларката Ангела Меркел го посочи „Северен тек 2“ како многу важен проект, од кој корист ќе има не само Германија туку и многу други европски земји.
Освен рускиот енергетски гигант „Газпром“, пет европски компании се вклучени во спроведувањето на проектот, вклучувајќи ги француските ENGIE, австриската ОМВ, британско-холандската компанија „Ројал дач шел“, како и германските „Унипер“ и „Винтершал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

