Свет
Американски режисер мора да плати 1,7 милијарди долари – 40 жени го обвинија за злоставување
Судот во Њујорк му наложи на американскиот режисер Џејмс Тобек, номиниран за Оскар, да плати отштета од 1,68 милијарди долари на 40 жени кои го обвинија за сексуален напад и други злосторства во последните четири децении.
Поротата во Њујорк одлучи дека Тобек ја злоупотребил својата позиција во филмската индустрија сексуално напаѓајќи жени во периодот од 1979 до 2014 година.
Тобек беше меѓу првите холивудски моќници кои беа обвинети за сексуално недолично однесување на почетокот на кампањата „MeToo“, а ова е најголемата сума пари што државата Њујорк нареди да им се исплати на жртвите кои ја покренаа иницијативата.
Тобек, кој се застапуваше себеси, ги негираше наводите, наведувајќи дека „секоја сексуална средба или контакт помеѓу тужителот и обвинетиот била консензуална“.
Покрај режисерското деби во „Fingers“ (1978), Тобек ги режираше „The Pick-up Artist“ (1987), „Two Girls and a Guy“ (1997), „Black and White“ (1999), „Tyson“ (2008), а исто така е познат и по неговото сценарио за „Bugsy“, кој не го режирал, но беше номиниран за Оскар за оригинално сценарио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ново пукање во Америка: едно лице во критична состојба
Едно лице е повредено во инцидент утрово во кој учествувала американската гранична патрола во јужниот округ Пима, Аризона, изјави портпаролот на шерифот на округот.
Пожарникарите на округот Санта Рита изјавија дека лицето е пренесено во критична состојба со хеликоптер во регионален центар за траума.
Околностите на пукањето во моментов се нејасни и нема информации дали некој од полицијата или граничната служба е повреден, според написите на локални медиуми.
Канцеларијата на шерифот на округот Пима и ФБИ помагаат во истрагата.
Ова пукање се случува три дена откако агентите на ICE го убија А.П. во Минесота и недели откако Рене Гуд беше убиен од полицаец на ICE.
Медиумите потсетуваат дека од септември минатата година, федералните службеници за имиграција застрелаа 12 лица.
Свет
Сјарто: Украина се вклучи во отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање
Украинскиот амбасадор во Будимпешта денес беше повикан во Министерството за надворешни работи на Унгарија поради обидите на Украина да се меша во унгарските парламентарни избори закажани за 12 април, кога јасно му беше кажано дека таквите обиди нема да бидат толерирани, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој ја повика Украина да престане да се меша во унгарската изборна постапка во корист на опозициската партија Тиса, како и да го почитува суверенитетот на Унгарија.
„Владата нема да толерира никакво мешање во унгарските избори, вклучително и обидите на Украина да се меша во изборниот процес во корист на партијата Тиса“, рече Сијарто, објави МТИ.
Сијарто рече дека Украина во последните недели се вклучила во „отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање“ со цел да ѝ помогне на опозициската партија Тиса да победи на изборите на 12 април.
„Нашиот заменик-министер недвосмислено му кажа на амбасадорот дека Унгарија ќе го заштити својот суверенитет со сите средства што ѝ се на располагање, дека ќе го заштити правото на Унгарците да бидат единствените што одлучуваат за иднината на Унгарија“, истакна Сијарто.
Тој изјави дека Тиса „веднаш ќе го одобри пристапувањето на Украина во ЕУ“ ако победи на изборите.
„Одлуката за иднината на Унгарија се носи во Унгарија, а не во Брисел, а сигурно не во Киев“, истакна Сијарто.
Свет
Детскaта караница може да ја реши „таткото“ на европските земји – САД, вели Дмитриев
Дебатата меѓу шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е детска караница, која може да ја реши „таткото“ на европските земји – Соединетите Американски Држави, изјави специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.
„Кога децата се караат, „таткото“ го решава тоа“, напиша тој на социјалната мрежа Икс, коментирајќи ги зборовите на францускиот министер за Европа и надворешни работи, пренесува Спутник.
Претходно, Баро на социјалната мрежа Икс ги отфрли тврдењата на Руте дека Европа не може да се одбрани без помош на САД.
„Дури и САД се согласуваат со тоа. Ова е европскиот столб на НАТО“, напиша шефот на француската дипломатија.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса тврдеше дека Европа не може да се одбрани без САД и дека оние кои веруваат дека тоа е можно, грешат. Во исто време, Руте рече дека смета дека е фер и соодветно Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, потсетуваат медиумите.

