Свет
Американци масовно пукаат во непознати луѓе поради параноја
Стив Бриџис го паркирал својот камион пред продавница за чевли во Тексас кога видел човек – бел, можеби 55 или 60 години – како излегува од автомобилот и става пиштол под појасот.
Беше петок попладне, три дена откако две девојчиња беа застрелани кога отворија погрешна врата од автомобилот на паркинг во близина на супермаркет. Бриџис, 63-годишен изведувач вели дека владее параноја.
„Сè се случува од страв. Зошто биле застрелани девојките оти отвориле погрешна врата? Зошто возрасен човек се плаши да влезе во продавница за чевли без да носи пиштол? Зошто овие луѓе се плашат толку?“, рече тој.
Низ Америка минатиот месец, најмалку четворица мажи отворија оган врз некој кој упаднал на нивен простор, што резултираше со еден смртен случај, двајца повредени и автомобил преполн со дупки од куршуми. Актите на ненадејна агресија повторно ја разгореа дебатата за законите кои дозволуваат употреба на смртоносна сила ако личноста се плаши за својот живот, како и горливото прашање: Зошто луѓето толку брзо го повлекуваат чкрапалото врз непознатите лица?
Зошто 65-годишен маж убил 20-годишна жена која случајно влегла во неговиот имот во северниот дел на Њујорк? Зошто 84-годишен маж испука два куршуми во 16-годишно момче кое по грешка му тропнало на вратата во Канзас Сити? Зошто 43-годишен маж од Јужна Флорида застрелал 19-годишник и неговата 18-годишна девојка кои пристигнале на погрешна адреса?
Експертите велат дека Америка станува земја „прво пукај, подоцна прашај“. Тие обвинуваат мешавина од фактори: лесната достапност на оружје, заблуди за законот, „рекламата“ на огненото оружје како неопходно за самоодбрана – и растечкото чувство кај Американците, особено републиканците, дека безбедноста на земјата се влошува.
Од 2020 година, процентот на републиканците кои рекоа дека криминалот се зголемува во нивната заедница скокна од 38 на 73 проценти, според податоците на Галуп од минатата есен. Кај демократите, истата загриженост се зголеми за само пет процентни поени на 42 отсто, што го означува најголемиот јаз во перцепцијата на гласачите откако анкетарската фирма првпат го постави прашањето пред половина век.
Реалноста е посложена. Анализата на „Вашингтон пост“ на записите од 80 главни полициски оддели покажа дека пријавеното насилство на национално ниво во 2022 година било пониско од петгодишниот просек, пренесе „Блиц“.
И на долг рок, Националното истражување за виктимизација на криминал покажа дека бројот на луѓе кои пријавиле сексуални напади, грабежи и други физички напади севкупно е многу помал сега отколку во 1990-тите и не е зголемен во последниве години. Убиствата и кражбите, сепак, се зголемија за време на пандемијата, според Центрите за контрола и превенција на болести – иако не на нивоата од 1990-тите.
Перцепцијата дека животот станува поопасен се рашири надесно бидејќи лидерите и експертите на Републиканската партија постојано тврдеа, без докази, дека имигрантите и демонстрантите го загрозуваат американскиот мир. Конзервативните медиуми посветија повеќе време на насилство отколку нивните центристички и левоориентирани конкуренти – во текот на изминатите три години, на пример, водителите и гостите на Фокс Њуз зборуваа за криминал 79 отсто почесто од MSNBC и двојно почесто од CNN, според Анализа на „Вашингтон пост“.
Стравот, паранојата и недоволното разбирање на законите кои ја регулираат самоодбраната и употребата на сила се рецепт за трагедија, вели Џефри С. Корн, претседател на кривично право на Правниот факултет на Универзитетот во Тексас.
„Не се бара никакво образование за луѓето кои поседуваат огнено оружје. Бев војник и не можевме да допреме вистинска муниција без една недела основна обука“, рече тој.
Ендрју Лестер, 84-годишен белец, им рекол на полицајците дека бил „исплашен до смрт“ на почетокот на овој месец кога го застрелал Ралф Џарл, 16-годишно црно момче кое ги барало своите браќа и сестри и по грешка тропнал на неговата врата во Канзас Сити.
„Тоа е параноја и страв. Тоа беше 24-часовен циклус на вести на Fox News, OAN и слични медиуми. Сите постојано се толку исплашени“, вели 28-годишниот внук на Лестер, Клинт Лудвиг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.
Свет
Судот нареди на администрацијата на Трамп да врати од Хондурас три депортирани семејства и да ги плати трошоците за враќање
Окружниот суд во Сан Диего пресуди федералната влада на САД да ги врати трите семејства од Хондурас, наведувајќи дека нивното депортирање во последните месеци било засновано на „лаги, измами и притисоци“, јавија американските медиуми . Со наредба е утврдено дека на депортираните семејства требало да им биде дозволено да останат во САД, согласно правен договор кој го регулирал одвојувањето на околу 6.000 деца од родителите на границата во 2018 година. Секоја мајка имала дозвола да остане во САД до 2027 година со хуманитарна виза.Судијката на американскиот окружен суд во Сан Диего, Дана Сабрау, наведе дека администрацијата на Доналд Трамп, исто така мора да ги плати трошоците за нивното враќање.
Една жена со три деца, вклучувајќи и шестгодишен американски државјанин, беше депортирана во Хондурас во јули, откако ѝ беше наредено да се пријавува најмалку 11 пати во Службата за имиграција и царина (ICE) за време на два месеца, поради што, како што рече, ја загубила работата.
Сабрау го одби аргументот на Владата дека семејството доброволно ги напуштило САД. Жената рече дека службениците на Службата ја посетиле дома и ѝ побарале да потпише документ со кој се согласува на заминување, но таа одбила.
Другите две семејства, идентификувани само со иницијали, биле депортирани под слични околности.
Во рамките на политиката на „нула толеранција“, родителите се разделувале од децата за да бидат кривично гонети кога нелегално ја преминуваат границата. Судијката Сабрау во јуни 2018 година нареди прекин на разделувањето, неколку дена откако Трамп сам го запре по силен меѓународен притисок. Договорот забранува применувањето таква политика до 2031 година.

