Свет
Анализа: Путин дури и не сака да му го изговори името на Зеленски; „Ќе се сретне со него под еден услов“
Презирот на претседателот Владимир Путин кон својот украински колега е толку длабок што речиси никогаш не го кажува неговот име. Кремљ инсистира дека Володимир Зеленски е нелегитимен лидер, а руската државна телевизија го нарекува кловн. И покрај ова, американскиот претседател Доналд Трамп ја фокусира својата неодамнешна дипломатска активност токму на идејата дека Путин и Зеленски ќе мора да се соочат еден со друг лице в лице за да ја завршат војната, пишува „Њујорк тајмс“.
Трамп рече дека почнал дискусии за таков состанок за време на телефонскиот разговор со Путин во понеделникот. Тоа иницира нова дипломатска загатка во Москва во услови на напорите на Трамп да го смири конфликтот: Дали завојуваните соперници би можеле набргу да се сретнат?
За Путин, таков самит би можел да биде начин да се обезбеди мировен договор, што Кремљ би го претставил како победа под услов Трамп да изврши притисок врз Зеленски да ги прифати барањата на Русија за украинска територија и суверенитет. Од друга страна, тоа носи и политички ризици бидејќи Кремљ долго време сигнализира дека директните разговори со Зеленски би биле под достоинството на рускиот лидер.
„Тоа би бил компромис“, рече Константин Затулин, висок руски пратеник, во телефонско интервју, опишувајќи ја потенцијалната средба како отстапка од Кремљ. „Русија би ги отфрлила своите резерви во врска со средбата со Зеленски за да ги поддржи мировните напори на претседателот Трамп“.
Затулин додаде дека некои руски претставници веруваат оти Путин не треба да се сретне со Зеленски под никакви околности, со оглед на тоа што „Русија насекаде зборува за Зеленски дека е нелегитимен“. Сепак, тој лично верува дека треба да се разгледа самит бидејќи „влоговите, едноставно, се превисоки за да се продолжи со игнорирање каква било можност за средба“.
Кремљ, како и обично, се обидува да ги остави сите опции отворени, сигнализирајќи дека средбата е можна, но не и неизбежна. Аналитичарите што го следат Кремљ велат дека е тешко да се замисли Путин да се согласи на средба, освен ако не е јасно дека Зеленски е подготвен да ги прифати клучните руски барања.
„Едноставно, не гледам никаква перспектива за организирање таква средба во блиска иднина“, рече Григориј Голосов, политиколог од Санкт Петербург. Тој предвиде дека Путин ќе се сретне со Зеленски само „доколку на Путин му стане јасно дека оваа средба е потребна за Украина да капитулира, за Зеленски да признае пораз“.
Средба за која било друга цел би можела да биде контроверзна во Русија. Путин го базира својот наратив за инвазија на лажната идеја дека Зеленски води режим виновен за геноцид врз руските говорници.
Разговорите еден на еден би можеле да ги прикажат Путин и Зеленски како рамноправни поради што тврдењето на Трамп за организирање на средбата им звучи нереално на многумина.
„Можеби се сложуваат малку подобро отколку што мислев“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, иако нема докази за каква било врска меѓу двајцата лидери. Трамп додаде дека токму затоа предложил првин да се сретнат сами, а не во трипартитен формат со него.
И додека Зеленски повтори дека е подготвен да се сретне со Путин, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, не спомена никаков самит во резимето на разговорот со Трамп. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше слично нејасен велејќи дека „сите контакти во кои се вклучени високи функционери треба да бидат многу внимателно подготвени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

