Свет
Ангела Меркел останува најпопуларен германски политичар и по 14 години на власт
И покрај неодамнешните тензии во коалицијата на Ангела Меркел, кои се закануваа да ја соборат нејзината влада, канцеларката и натаму останува најпопуларен германски политичар и по 14 години на кормилото. Поддршката на Меркел се засилила во јануари, покажува анкетата на ТВ АРД, што ја цитира „Блумберг“.
Поддршката за Меркел се зголемила на 53 отсто – шест поени повисоко од претходниот месец – додека рејтингот на нејзината наследничка како шеф на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и актуелен министер за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, е само 23 отсто.
Крамп-Каренбауер беше избрана за нов лидер на ЦДУ во декември 2018 година кога Меркел се повлече од функцијата, но се чини дека сè уште нема голема поддршка кај Германците судејќи според резултатите од анкетата на АРД. АРД интервјуира 1.506 лица по телефон од 7 до 8 јануари.
Меркел вети дека ќе остане канцелар до 2021 година и покрај напуштањето на партиското место по лошиот резултат на нејзината партија на изборите за регионални парламенти.
Исто така, имаше шпекулации дека Меркел ќе се повлече од функцијата канцелар по навестувањето на Анегрит Крамп-Каренбауер за ревидирање на договорот за коалиција помеѓу ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Портпаролката на Европската комисија за оценките на Трамп: Задоволни сме што имаме одлични лидери
Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е задоволна и благодарна што има одлични лидери.
Паула Пињо одговори на прашањето на бриселскиот портал „Политико“ за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.
„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.
Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали како што рече „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во соседството“.
„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што многу од милионите граѓани во ЕУ мислат: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.
Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.
„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју емитувано денес за „Политико“.
Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува оти имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.
Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволуваат на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги трансформирале градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.
Трамп рече дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто: Поради корупцијата во Брисел, ЕУ не го истражува скандалот со „паричникот“ на Зеленски
Нивото на корупција во Брисел објаснува зошто Европската Унија не го истражува скандалот со „паричникот“ на Володимир Зеленски во Украина, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Корупцијата во Брисел е објаснувањето зошто Европската Унија не го покрена прашањето за корупцијата во Киев“, рече Сијарто во интервју за „Раша тудеј“.
Тој додаде дека европските претставници кои неодамна беа уапсени под сомнение за корупција, вклучувајќи ја и поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ја обвинија Будимпешта за кршење на владеењето на правото.
Сијарто додаде дека верува оти Европа станала многу помалку безбедно и конкурентно место под водство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Таа предизвика поголема штета на Европската Унија од кој било друг“, рече Сијарто во интервју објавено од РИА Новости.
На почетокот на декември, белгиската полиција изврши рација во канцелариите на Европскиот колеџ и Министерството за надворешни работи на ЕУ во Брисел, а службениците за спроведување на законот ги приведоа, испрашаа, а потоа ги ослободија поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, директорот на Министерството за надворешни работи на ЕУ, Стефано Санин, и уште еден сегашен функционер.
Тие се осомничени за измама поврзана со финансирањето на образовна институција, а против нив сè уште не се поднесени обвиненија, објавува РИА Новости.
На 10 ноември, во Украина беше започната голема операција за откривање на корупциски шеми во енергетскиот сектор, за време на која беа извршени претреси во становите на сегашни функционери и раководители на енергетски компании.
Фото: депозитфотос
Свет
Шестгодишно девојче почина по несреќа во забавен парк во Флорида
Шестгодишно девојче почина по несреќа со картинг во забавен парк во Флорида, потврди полицијата. Трагедијата се случила воикендот во Паркот за трамболини и авантури „Урбан Ер“ во Порт Сент Луси, објави ABC News.
Службите за итни случаи биле повикани во паркот кратко пред 21 часот поради несреќа со картинг во која учествувало дете. Девојчето било префрлено со хеликоптер во болница во Форт Пирс, но им подлегнало на повредите во неделата, соопшти полициската управа на Порт Сент Луси.
„Детективите активно ги истражуваат околностите што довеле до инцидентот“, соопшти полицијата. Портпаролот на полицијата додаде дека извештајот сè уште се чека. Поради тековната истрага, полицијата не објавила дополнителни детали за несреќата, вклучително и природата на повредите. Известена е и Администрацијата за безбедност и здравје при работа (OSHA), како што е пропишано со закон.
Портпаролот на „Урбан Ер“ изјави за ABC, WPBF, дека тие соработуваат со државните и локалните власти. „Срцата ни се скршени од трагичниот инцидент што се случи во нашиот парк во Порт Сент Луси за време на викендот. Нашето најдлабоко сочувство е до семејството и најблиските на детето“, рече портпаролот.
„Нашите политики, процедури и опрема се дизајнирани да ги заштитат децата и семејствата, а благосостојбата на децата и семејствата на кои им служиме е секогаш наш врвен приоритет. Локацијата е затворена додека се фокусираме на поддршка на истрагата и на тоа да ги имаме во мислите сите погодени од оваа ужасна трагедија“, се додава во соопштението.
Фото: депозитфотос

