Свет
Велика Британија – вакцината на „Астра зенека“ предизвикува убедлив имунолошки одговор кај постарите
Вакцината против коронавирусот на „Астра зенека“ предизвикува убедлив имунолошки одговор кај постарите лица иако податоците за точното ниво на заштита не се познати, соопшти англискиот Институт за јавно здравје откако Германија препорача вакцината да им се дава само на лица под 65 години.
„Според планот за вакцинација, вакцината на „Астра зенека“ треба да им се дава само на граѓани на возраст од 18 до 64 години“, објави германската комисија за вакцини еден ден пред одлуката на европскиот регулатор за одобрување на вакцината.
Велика Британија прва ја одобри и веќе ја применува вакцината на „Астра зенека“, изработена во соработка со Универзитетот „Оксфорд“.
Велика Британија вакцинира седум милиони луѓе со првата доза и планира да ги вакцинира најранливите групи вклучувајќи ги и луѓето над 70 години до средината на февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сибиха: Ќе ја принудиме Русија да ја заврши војната
Далекусежните способности на Украина се клучен фактор што ќе ја принуди Русија да ја заврши војната, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Колку подалеку можеме да стигнеме, толку пократка ќе биде војната. Далекусежните способности на Украина брзо се зајакнуваат. Бројот на успешни напади врз легитимни воени цели во Русија расте секоја недела“, напиша тој на платформата X.
Според Сибиха, станува збор за добро пресметана, прецизна и интелигентна кампања чија цел е да ја ослабне руската воена машина и да ја принуди Москва побрзо да ја заврши војната. Како што додаде, арсеналот на Украина со долг дострел ќе служи како средство за одвраќање и гаранција против нова руска агресија, објави Укринформ.
„Имаме технологија и капацитет да произведеме посилна огнена моќ, но ни требаат повеќе инвестиции за да го постигнеме ова“, рече украинскиот министер, повикувајќи ги партнерите да го зголемат својот придонес и да се здружат со Украина, како и да започнат нови заеднички проекти. Според него, тоа е двонасочна улица, бидејќи оние кои ѝ помагаат на Украина сега добиваат нови можности за сопствениот одбранбен потенцијал во иднина. Како што додаде Сибиха, војната што Русија ја започна против Украина сега ѝ се враќа.
„Колку побрзо Кремљ го сфати ова, толку побрзо ќе ја донесе единствената разумна одлука, а тоа е да ја запре војната“, рече функционерот, пренесува Танјуг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека новите санкции воведени од американскиот лидер Доналд Трамп ќе ѝ наштетат на воената машинерија на Русија, но дека на Киев сè уште му се потребни ракети со долг дострел за да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да склучи мир, потсети агенцијата.
Фото: принтскрин
Свет
Петмина планинари загинаа во лавина во Италија
Петмина германски планинари загинаа во лавина во регионот Трентино-Јужен Тирол во северна Италија, објави порталот Алто Адиџе, повикувајќи се на локалната служба за планинско спасување.
Според првичните информации, две групи ентузијасти за екстремни спортови се нашле вчера во планините Ортлс кога била предизвикана огромна лавина. Службите за итни случаи веднаш започнале спасувачка операција.
Во текот на саботата, 1 ноември, спасувачките екипи успеале да пронајдат двајца преживеани планинари од првата група, како и телата на неколку жртви од втората. Пребарувањето продолжило во неделата, кога биле пронајдени уште две тела, со што бројот на жртви се искачил на пет. Меѓу загинатите е и седумнаесетгодишно девојче.
Ова, како што потсетуваат медиумите е нова трагедија во низата несреќи што ги погодија европските планини оваа година. Во август, Русинката Наталија Наговичина и Италијанецот Лука Синигалја загинаа во планините на Киргистан, додека Александар Расторгујев, поранешен претседател на Планинарското здружение на Краснодарската област, почина во Кабардино-Балкарија.
Фото: принтскрин
Свет
Патник со телото заштитил девојка од напаѓачот во возот во Англија: тој е сериозно повреден
Градоначалникот на Кембриџшир и Питерборо, Пол Бристоу, изјави за „Скај њуз“ дека „вонредни акти на храброст“ се случиле за време на масовниот напад со нож во воз во Англија синоќа.
Според Бристоу, еден од патниците станал херој откако се обидел да заштити млада девојка од напаѓачот кој ги напаѓал патниците со своето тело. „Слушнавме дека еден човек се поставил меѓу девојката и напаѓачот и бил сериозно повреден во тој процес“, рече Бристоу во изјава утрово.
„Сакам да истакнам дека ова покажува колку обичните луѓе се способни за вонредни работи. Нашите мисли и молитви се со овој човек, но овој случај докажува дека никогаш не знаете како ќе реагирате сè додека не се најдете во толку ужасна ситуација“, додаде градоначалникот.
Нападот се случил во воз што сообраќал на линијата Донкастер-Лондон. Патниците опишале како еден човек вооружен со нож почнал да боди луѓе по случаен избор откако возот поминал низ Питерборо.
Според официјалните бројки од британската полиција, десет лица се повредени, а двајца патници се уште се во критична состојба. Двајца мажи, на возраст од 32 и 35 години, се уапсени под сомнение за обид за убиство, а полицијата потврди дека нема индикации дека станува збор за терористички напад.
Нападот предизвика шок и тага низ целата земја, а британскиот премиер Кир Стармер го нарече инцидентот „ужасен“ и „длабоко загрижувачки“. Полициската истрага е во тек.
Фото: принтскрин

