Свет
Анкета: Предноста на Камала Харис пред Трамп се намали на еден процент

Предноста на демократскиот кандидат на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, Камала Харис, е намалена на еден процент во однос на републиканскиот ривал Доналд Трамп и сега има 44 отсто поддршка наспроти 43 отсто поддршка за Трамп, според анкета на Ројтерс/Ипсос објавена вчера.
На прашањето кој од двајцата кандидати има подобар пристап кон економијата, невработеноста и работните места, 47 отсто од гласачите го избрале Трамп, додека 37 отсто го кажале истото за Харис.
Околу 48 отсто од гласачите во ова истражување изјавиле дека го поддржуваат пристапот на Трамп кон имиграциската политика, додека нешто повеќе од 33 отсто од испитаниците се согласуваат со Харис за ова прашање.
Околу 40 отсто од гласачите во анкетата рекоа дека Камала Харис има подобар пристап во справувањето со политичкиот екстремизам и заканите по демократијата, во споредба со 38 отсто од оние кои го избраа Трамп.
Во претходното истражување таа водеше со седум процентни поени во споредба со Трамп кога станува збор за екстремизмот.
Оваа анкета, во која беа опфатени 1.150 возрасни Американци, меѓу кои и 975 регистрирани гласачи, покажа дека Доналд Трамп има значителна предност пред Харис за неколку прашања кои гласачите ги сметаат за клучни, пишува Ројтерс.
Изборните гласови во седум клучни држави, вклучувајќи ги Северна Каролина, Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Невада и Аризона, се очекува да го одлучат исходот од изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Поранешен шеф на КГБ: Русија и САД конечно имаат ист непријател

„Русија, Кина и САД се пред создавање на нов геополитички поредок кој доколку Европа не реагира навреме, може да го исфрли континентот од игра“, предупредува поранешниот висок функционер на руските тајни служби Евгениј Савостјанов. Поранешниот шеф на московскиот огранок на КГБ тврди дека Европа мора итно да се разбуди и да ги препознае амбициите на Владимир Путин, во спротивно може да падне во политичка и безбедносна ирелевантност.
Тој, исто така, предупредува дека сегашните разговори меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин може да резултираат со договори кои целосно ќе ја заобиколат Европа и ќе ја остават без влијание врз клучните меѓународни прашања. „Европа мора да преземе одговорност за својата судбина – да ги зајакне одбранбените капацитети и да започне силни информативни кампањи кои ќе ги доближат вистинските закани до граѓаните“, вели Савостјанов.
Говорејќи за италијанскиот „Кориере дела сера“, тој јасно ги предупреди европските лидери: „Денес сте под притисок од две сили – Русија и новата верзија на САД – кои длабоко ги презираат вашите фундаментални вредности“.
„Она што ги обединува е тоа што ве сметаат за заеднички непријател. На некој начин сте опкружени. Се плашам дека кај вас нема вистинска свест за опасноста на која сте изложени – пред се опасноста да станете ирелевантни, а со тоа и да ги изгубите сопствените демократски вредности.
Според него, нов глобален поредок е неизбежен, особено поради одлуката на САД да се повлечат од активна улога во меѓународните односи. „Европа мора да го врати статусот на глобален политички актер ако сака самостојно да ја гарантира сопствената безбедност“, рече тој.
За да може Европа да се спротивстави на овој тренд, Савостјанов смета дека мора силно да застане зад Украина и да започне паневропска кампања која ќе им ја објасни на граѓаните новата глобална реалност.
Европските претставници веќе изразија загриженост дека континентот е на маргините додека САД и Русија одржуваат клучни разговори – вклучително и оние за прекин на огнот. Не гледајќи начин да се постигне мир без американска поддршка, Европејците се принудени да ја следат агендата на Трамп на секој чекор од патот.
Ова е причината зошто многу европски влади почнаа да ги зголемуваат своите буџети за одбрана во последните недели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека „Европа мора итно да се превооружи“.
Савостјанов тврди дека долгорочната амбиција на Путин е да ја врати Русија на глобално влијание кое го немало од распадот на Советскиот Сојуз. „Путин сака да влезе во историјата како „голем колекционер на руски земји“, оној кој го смени падот на империјата што започна во 1867 година со продажбата на Алјаска на САД.
Таа цел, тврди тој, вклучува територијални амбиции кон Одеса, Придњестровје и Кишињев, како и забрана за каква било европска мировна мисија на украинска територија. Според достапните информации, Русија ќе бара целосна контрола врз четирите украински региони кои во моментов делумно ги окупира во преговорите за прекин на огнот.
Савостјанов посочува дека, доколку Европа продолжи по својот сегашен политички пат, Кина ќе преземе доминантна улога во новиот светски поредок. „Во тој случај, Русија ќе стане „примерен заменик“ на Пекинг“, вели тој. „И Европа, свесно или не, ќе се помири со фактот дека е подредена на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните сојузници.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи вчера ја отфрли можноста за учество во европската мировна мисија за Украина. Кина сè уште тврди дека останува неутрална во однос на руската инвазија, иако одржува блиски политички, економски и воени односи со Москва.
Свет
Полицијата објави нови детали за мртвото бебе пронајдено пред црква во Лондон

Лондонската полиција објави детали за случајот со бебето чие тело беше пронајдено во торба пред црква во Нотинг Хил, западен Лондон.
Тие објавија дека се работи за момче пронајдено во црна торба.
Полицијата и итната помош биле повикани вчера во 12.46 часот во Нотинг Хил, каде што беше пронајдено тело на бебе пред црква. На местото на настанот е констатирана смрт.
Началникот Овен Реноуден го опиша случајот како шокантен и трагичен и рече дека се крајно загрижени за благосостојбата на мајката.
„Веруваме дека таа неодамна се има породено и знаеме дека веројатно се чувствува многу исплашено и поминува низ исклучително тежок период. Ако сте мајка и го гледате ова денес, ве повикувам да излезете и да побарате помош. Наш приоритет е да ви помогнеме и да ви обезбедиме медицинска нега“, рече Реноуден.
Тој додаде дека таа може да побара помош во секое време, во болница, полициска станица или со јавување на итната помош.
Полицијата ги повика сите со какви било информации да се јават кај нив.
Свет
Руска воена репортерка убиена во Белгород

Руската репортерка Ана Прокофјев почина во Белгородската област, а снимателот Дмитриј Волков, кој ја придружуваше, е повреден, јавува руската државна новинска агенција ТАСС. Како што се наведува, двајцата налетале на мина.
„Ана Прокофјева, воен дописник на ‘Канал 1’, загина додека ја извршуваше својата професионална должност. Ова се случи во регионот Белгород на границата со Украина, каде што екипа со камери на ‘Канал 1’ наиде на непријателска мина. Снимателот Дмитри Волков, кој беше со Ана, е повреден”, изјави портпаролот на каналот.
Прокофјев имаше 35 години. Дипломирала новинарство на Универзитетот РУДН во Москва и течно зборува шпански. Таа работи за „Канал 1“ од 2023 година покривајќи ја зоната на специјални воени операции.
Руски воени блогери на „Телеграм“ објавија дека украинските сили влегле во селото Демидовка во Белгородската област. „Населбата сега е под контрола на вооружените сили на Украина“, напиша воениот блогер Владимир Романов, познат како Романов Лајт, на „Телеграм“.
Во последните денови беа убиени четворица членови на руските медиуми. Во понеделникот беа убиени вработени во ТВ-каналот „Звезда“, снимателот Андреј Панов и возачот Александар Сиркели, како и воениот дописник на весникот „Известија“, Александар Федорчак. Пред тоа беше убиен снимателот на „Известија“, Александар Мартемјанов.