Свет
Анкета: 80 проценти од Јапонците се против одржување на Олимписките игри ова лето

Околу 80 проценти од Јапонците во анкетата спроведена од националната новинска агенција Кјодо изјавија дека Олимписките игри во Токио треба да бидат откажани или одложени.
Анкетирани се 715 домаќинства со право на глас со употреба на метод на случајно земање примероци. Нешто повеќе од една третина (35,3 %) рекле дека Олимписките игри треба да бидат целосно откажани, додека 44,8 проценти изјавиле дека игрите треба да се одложат уште еднаш.
И покрај фактот дека е воведена вонредна ситуација во пошироката област на Токио, премиерот Јошихиде Суга е на удар бидејќи повеќето Јапонци сметаат дека мерките биле задоцнети и дека морале да реагираат многу порано, наведува „Ројтерс“.
Слична анкета беше спроведена и во декември, кога околу 63 проценти од луѓето изјавија дека не сакаат Олимписките игри да се одржат во Токио ова лето. Може да се каже дека главниот виновник за понатамошниот раст е зголемениот процент на заразени во Јапонија. Земјата досега има регистрирано вкупно 280.775 случаи, а околу 3.996 лица починале како резултат на инфекцијата.
Олимписките игри во Токио се закажани за периодот од 23 јули до 8 август, а Меѓународниот олимписки комитет веќе неколку пати посочи дека тие ќе се одржат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Подготвени сме за секакво сценарио за време на посетата на Трамп, објави британската полиција

Британската полиција објави дека е целосно подготвена за сите можни ситуации и сценарија пред државната посета на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела.
– Многу сум задоволен што испланиравме многу сеопфатен план за полициска и безбедносна операција што ги зема предвид речиси сите можни сценарија што би можеле да се случат – изјави помошникот на главниот комесар Крисјан Бант од британската полиција.
Бант изјави дека ќе бидат присутни значајни, многу видливи полициски сили, но одби да го прецизира бројот на распоредени полицајци.
Тој, исто така, објави дека воздушниот простор над замокот Виндзор ќе биде затворен, а специјализираните полицајци ќе бидат подготвени да се справат со секаков протест што може да се случи.
Британскиот крал Чарлс ќе го пречека Трамп во замокот Виндзор утре, пред американскиот претседател да ја продолжи својата посета во четврток на имотот на британскиот премиер Кир Стармер.
Фото: принтскрин
Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет-санкции против Русија в среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“ повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет-санкции веќе не се очекува в среда, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за намалување на нивната зависност од руската нафта, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантскиот сојуз дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин