Свет
Багдад го повика турскиот амбасадор по нападот, во кој загинаа ирачки команданти
Турскиот напад со беспилотни летала, во кој загинаа двајца високи ирачки команданти, предизвика остра реакција од Багдад по што ирачката влада откажа состанок на високо ниво за одбрана и го повика амбасадорот на Анкара да го осуди нападот, пренесува РТ.
Ирачкото Министерство за надворешни работи во вторникот го повика турскиот амбасадор да го извести за потврденото одбивање на Ирак на нападите и прекршувањата во неговата земја и да изрази силен протест за нападот со беспилотни летала, во кој загинаа генерал и бригадир од пограничните сили во ирачки Курдистан, заедно со возачот на нивното возило.
По нападот, откажана е и посетата на турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, што беше потврдено од ирачката војска.
„Турски напад со употреба на беспилотно летало таргетира воено возило на граничарите во областа Сидекан и предизвика смрт на командантот на Втората бригада, командантот на Третиот полк и на возачот на возилото“, рече во твит медиумската ќелија на ирачката безбедносна сила.
Двајцата команданти биле на средба со членовите на Курдската работничка партија (ПКК) за време на нападот, изјавија двајца ирачки безбедносни извори за „Асошиетед прес“, а градоначалникот на Сидекан, град северно од Ербил, истакна дека тие воспоставуваат нови пунктови во регионот со курдско мнозинско население.
Иако Анкара допрва треба јавно да коментира за жртвите од висок ранг во нападот, турското Министерство за одбрана објави дека во вторникот вечерта неутрализирала двајца борци на ПКК во воздушна операција над северен Ирак.
Турција ја смета ПКК за терористичка организација и се судира со неа од 70-тите, неодамна почнувајќи чести напади и во сопствениот југоисточен регион и во северен Ирак, каде што е базирана групата.
Ирачкото МНР го повика турскиот амбасадор барем во два други наврата годинава за слични воздушни напади врз цели на ПКК во северниот пограничен регион, постојано критикувајќи ги операциите како кршење на ирачкиот суверенитет.
Турција, од своја страна, смета дека и Багдад и регионалните курдски власти не прават доволно за да ги спречат нападите на ПКК, иницирани од ирачката страна на границата, фалејќи се со стотици воздушни напади врз групата во последните месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

