Свет
Бајден вети дека ќе им стави крај на забраната за патување на Трамп и на исламофобијата
Џо Бајден жестоко ја критикува исламофобијата и вети дека ќе ја укине забраната за патување воведена од администрацијата на Трамп во неговиот прв мандат за време на разговорот со најголемиот муслиманско-американски комитет за политичка акција (ПАК), кој ја вклучува и антиизраелската активистка Линда Сарсур, пренесува „Њујорк пост“.
„Ако имам чест да станам претседател, ќе ја укинам забраната уште првиот ден“, рече Бајден за време на состанкот „Самит на милиони муслимански гласаови“, организиран од „Ингејџ екшн“, кој ја поддржа неговата претседателска кандидатура во април.
Забраната за патување потпишана од Трамп во јануари 2017 година ги блокира повеќето имигранти и патници од Иран, Либија, Сомалија, Северна Кореја, Сирија, Венецуела и од Јемен. Но, Бајден не застана тука, исто така критикувајќи дека во американските училишта не учат за исламот.
„Една од работите што мислам дека е важна е дека посакувам во нашите училишта да научиме повеќе за исламската вера“, рече тој обвинувајќи го Трамп за поттикнување на пламенот на омразата.
Во жестокиот говор Бајден се спротивстави на исламофобијата по што Сарсур ги повика Американците да се кренат против, како што рече, фашистичката администрација.
„Под оваа администрација видовме незамислив пораст на исламифобија и инциденти, вклучително и деца што биле малтретирани во училиштата и злосторства од омраза во нашите заедници“, рече Бајден.
„Трамп назначуваше луѓе со историја на отворена исламифобија – отворена, директна, кои нема што да бараат на високи позиции во нашата влада – на клучни улоги во раководството во Министерството за одбрана и американската Агенција за меѓународен развој“, продолжи тој.
ПАК се обврза да обезбеди еден милион муслимански гласачи за Бајден и вети дека ќе му ги испорача Мичиген, Висконсин, Пенсилванија и Флорида во ноември. Сарсур, палестинско-американски активист и сурогат на Берни Сандерс со историја на антисемитски изјави, му изрази поддршка на Бајден.
„Тука не станува збор за тоа кого сакате и кого не сакате, туку за тоа дали сакате да го победите фашизмот во Америка“, рече таа наведувајќи го разговорот кон палестинските територии.
Сарсур, родена во Бруклин, беше отфрлена од движењето „Женски марш“, што помогна да се основа, во септември 2019 година откако беа објавени нејзините ставови вклучувајќи ги и нејзините пофалби за Расмеа Одех, палестинска терористка осудена во 1970 година за нејзината улога во бомбардирањето на супермаркет во Ерусалим.
„Нашата заедница е посветена да стави крај на окупацијата на палестинскиот народ, нашата заедница е посветена на муслиманите, кои се угнетени во целиот свет“, рече Сарсур ветувјќи дека ќе го натера Бајден да ја поддржи нејзината антиизраелска агенда.
„Ние сакаме да го видиме Џо Бајден во Белата куќа, но сакаме и Џо Бајден да знае дека ќе го повикаме на одговорност пред нашите заедници. Ќе бидеме на неговиот праг да се осигуриме дека сме слушнати во оваа администрација и ќе се бориме за работите во кои веруваме и нема да ја завршиме нашата работа на денот на изборите“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.
Свет
Европска порака до Орбан: „Она што ѝ го правите на Украина е црвена линија, нашето трпение се троши!“
Белгискиот министер за надворешни работи Максима Прево и германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул во Берлин ја осудија заканата на Унгарија со вето на европскиот заем за Украина, еден ден по четвртата годишнина од руската инвазија врз земјата.
Вадефул на заедничка прес-конференција со белгискиот колега повторно изрази „запрепастеност“ од однесувањето на Унгарија.
„Унгарија мора да разбере дека трпението на останатите држави членки брзо се троши“, изјави Прево.
Европската унија сака да го усвои дваесеттиот пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Орбан, ги блокира двата проекта и бара Киев најпрво да ги обнови испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во јануари.
Прево посочи дека сите се свесни за чувствителниот период поради изборите во Унгарија, но да се држат судбината и потребите на Украина како заложник во контекст на војна, тоа за него е црвена линија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во вторникот беше во Киев, изјави дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или на оној начин“, и покрај опструкциите од Будимпешта.
Орбан дополнително ја заостри реториката кон Украина и ЕУ, обидувајќи се да ги прикаже како закана за унгарските национални интереси, пред сè енергетските, во пресрет на изборите во април.
Во средата Орбан изјави дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војска околу критичната инфраструктура.
Во меѓувреме, според истражување на компанијата „Медиан“, опозициската партија од десниот центар Тиса дополнително ја зголемила предноста пред владејачката Фидес на Орбан.
Анкетата покажува дека Тиса има поддршка од 55 проценти од определените гласачи, наспроти 35 проценти за Фидес. Кога се зема предвид целата популација, 42 проценти ја поддржуваат Тиса, а 31 процент Фидес.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

