Свет
Бајден ги урива родовите бариери – номинираше жена за командант на морнарицата
Американскиот претседател Џо Бајден вчера ја номинираше адмирал Лиза Франчети за командант на морнарицата, потег што треба да ги укине родовите бариери во американската војска и да ја направи Фрачети првата жена што командувала со морнарицата и станала член на Генералштабот на армијата.
Одлуката на Бајден беше изненадувачка. Официјални лица на Пентагон очекуваа дека Бајден за таа функција ќе го номинира Самуел Папара, кој командува со морнарицата во Пацификот и има искуство со растечките предизвици што им ги поставува Кина на САД.
Меѓутоа, Франчети, актуелниот заменик-началник за поморски операции, беше меѓу кандидатите за кои се верува дека се во трка за функцијата.
Во соопштението за медиумите, Бајден истакна дека Франчети има 38-годишно искуство. „Во текот на нејзината кариера, адмиралот Франчети покажа голема експертиза и на оперативната и на политичката сцена“, рече Бајден, додавајќи дека таа е само втората жена во историјата што го добила чинот адмирал со четири ѕвезди во американската морнарица.
Сепак, Франчети не е првата жена која раководи со еден од родовите на американската војска. Минатата година Бајден ја номинираше адмирал Линда Фаган за шеф на американската крајбрежна стража.
Но, крајбрежната стража официјално не е дел од Министерството за одбрана, туку потпаѓа под Министерството за домашна безбедност. Затоа Франчети ќе стане првата жена што ќе раководи со род на војската под Министерството за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Џакарта забранува продажба на месо од мачки, кучиња и лилјаци
Гувернерот на Џакарта, Прамоно Анунг, донесе одлука за забрана на продажба на месо од мачки, кучиња и лилјаци на територијата на индонезискиот главен град, наведувајќи го високиот ризик од ширење на беснило и други санитарни причини.
Одлуката подразбира целосно отстранување на суровото месо и преработените производи од пазарот. Локалните власти нагласуваат дека ова е мерка што треба да придонесе за заштита на јавното здравје.
Гувернерот Анунг изрази надеж дека оваа забрана ќе ја подобри санитарната безбедност во градот и ќе спречи потенцијални епидемиолошки ризици во густо населената метропола.
Фото: принтскрин
Свет
Дмитриев: Критичарите на американскиот план за Украина го саботираат мирот и профитираат од војната
Критичарите на американскиот план за мирно решавање во Украина го саботираат мирот предлагајќи нереални решенија, профитирајќи од војната, изјави Кирил Дмитриев, претседател на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) и специјален претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји, пренесува РИА Новости.
Порано, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека критичарите на американскиот план за решение за Украина, вклучувајќи бројни американски сенатори, немаат поим за што зборуваат и дека можеби профитираат од продолжувањето на конфликтот.
„Оние кои профитираат од војната го саботираат мирот предлагајќи нереални решенија“, напиша Дмитријев на социјалната мрежа X, коментирајќи ја изјавата на портпаролката на Белата куќа.
Претходно, републиканската конгресменка Ана Паулина Луна изјави дека американските републикански сенатори се обидуваат да ја спречат американската администрација да постигне решение за конфликтот во Украина затоа што инвестирале пари во воено-индустрискиот комплекс, што, како што наведе, е грубо кршење на законот, пренесува Танјуг.
Како што објави денес „Фајненшл тајмс“, Републиканската партија во Конгресот на САД е поделена околу предложениот план на Вашингтон за решавање на украинскиот конфликт, при што некои конгресмени ја критикуваат иницијативата, а други ја бранат.
Фото: принтскрин
Свет
Најлоши поплави во последните 15 години: Тајланд испраќа носач на авиони како пловечка болница
Тајландската морнарица го испраќа носачот на авиони „Чакри Нарубет“ со залихи и медицински тимови на југот од земјата, кој е погоден од она што се проценува дека е најлошата поплава во последните 15 години.
Поплавите беа предизвикани од обилни дождови и погодија девет тајландски провинции, додека соседните области во Малезија беа исто така погодени, со повеќе од 18.500 евакуирани, објави Ројтерс.
Носач на авиони и флотила од 14 бродови придружени од хеликоптери ќе можат да обезбедат до 3.000 оброци дневно, а тој може да служи и како пловечка болница.
Проценките велат дека околу 1,9 милиони луѓе биле погодени во Тајланд, додека во Хат Џаи, еден од најтешко погодените градови, водите достигнале висина до два метра.
Спасувачите ги евакуираа жителите, вклучително и постарите лица, додека метеоролошките служби предупредуваат на понатамошни силни бури и бранови до три метри.
Поплавите ја загрозуваат и гумената индустрија во Тајланд, која, како што истакнуваат медиумите, е еден од најголемите производители во светот.
Властите апелираат за евакуација и обезбедување максимална поддршка, додека граѓаните апелираат за помош преку социјалните мрежи, велејќи дека се заробени во своите домови без храна или вода за пиење.
Фото: принтскрин

