Свет
Бајден го критикуваше убиството на лидерот на Хамас: Не е добро за примирјето
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека убиството на лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханије не помогнало за примирјето во израелската војна во Газа. Тој го коментираше ова во заедничката база Ендрјус во Мериленд, каде доцна во ноќта слета авион со затворениците што ги ослободи Русија.
Бајден претходно истиот ден разговараше со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Иранските власти и Хамас рекоа дека Израел е одговорен за атентатот, како и неколку американски официјални лица, кои побараа анонимност. Атентатот може да предизвика нов бран на насилство на Блискиот Исток и да ги отфрли преговорите за ставање крај на војната во Газа, во кои Ханије беше еден од клучните учесници.
Бомбата што го уби Ханије била скриена пред околу два месеци во куќата во која тој престојувал, изјавиле за Њујорк Тајмс претставници од Блискиот Исток. Куќата е заштитена од Корпусот на Исламската револуционерна гарда и е дел од голем комплекс во луксузен кварт во северен Техеран. Ханије беше во главниот град на Иран на претседателската инаугурација, а беше убиен од бомба активирана од далечина.
Израел јавно не ја презеде одговорноста за убиството, но израелските разузнавачи ги информирале САД и другите западни влади за деталите набргу по операцијата, според пет претставници на Блискиот Исток. Вчера американскиот државен секретар, Ентони Блинкен изјави дека САД немале сознанија за заговор за атентат.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, пред неколку дена издаде наредба Иран да удри директно врз Израел, како одмазда за убиството на Ханије. Хамнеи ја издаде наредбата на вонредниот состанок на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, набргу откако Иран објави дека Ханије е убиен, изјавија тројца ирански претставници, вклучително и двајца членови на Револуционерната гарда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

