Свет
Бајден гради ѕид кон Мексико, се огласи Трамп: Дали сега ќе ми се извини
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе изгради дел од ѕидот во Јужен Тексас на границата со Мексико за да се обиде да ја спречи илегалната миграција која е во пораст. Околу 32 километри од ѕидот ќе биде изграден во округот Стар долж границата, каде локалните власти пријавија голем број илегални преминувања.
Изградбата на граничен ѕид беше препознатлива политика на Доналд Трамп, а демократите жестоко се противеа на тоа. Во предизборната кампања во 2020 година, Бајден вети дека, доколку биде избран, ќе ја запре изградбата на ѕидот.
Неговата администрација издаде проглас набрзо по преземањето на функцијата во која се вели дека изградбата на ѕид преку јужната граница „не е сериозно политичко решение“. Но денеска изјави дека „не може да ја запре“ изградбата на граничниот ѕид бидејќи средствата за него се веќе издвоени. На прашањето дали верува дека ѕидот може да работи, тој едноставно одговори: „не“.
Во изјава за Асошиејтед њуз вчера вечерта, царината и граничната заштита на САД на сличен начин го бранеа последниот потег, велејќи дека ги користи средствата веќе доделени за граничната бариера. „Конгресот присвои средства за фискалната 2019 година за да изгради гранична бариера во долината Рио Гранде, а од Канцеларијата за домашна безбедност се бара да ги искористи тие средства за нивната намена“, се вели во соопштението.
Говорејќи на прес-конференција, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ја критикуваше веста, велејќи дека ѕидот е „спротивен“ од она што претходно го заговараше претседателот Бајден. „Разбирам дека има силен притисок од екстремно десничарските политички групи во САД“, додаде тој.
Според американскиот предлог за царина и гранична заштита, бариерите ќе се состојат од големи столбови вградени во бетонска основа, како и порти, камери и опрема за видео надзор. Ќе се користат средства обезбедени за време на претседателствувањето на Доналд Трамп за изградба на новиот дел.
Ова е првпат администрацијата на Бајден да ги искористи своите овластувања за да одобри изградба на нови ѕидови, што често се правеше за време на мандатот на Трамп, кога беа изградени околу 50 милји нов ѕид и надградени 400 милји постоечки бариери.
Во објава на интернет, Трамп праша дали Бајден ќе му се извини нему „и на Америка што му требаше толку долго за да продолжи“.
„Ќе го чекам неговото извинување“, напиша тој.
Бајден се соочува со зголемени критики за неговата имиграциска политика по неодамнешниот пораст на мигранти кои преминуваат во САД.
Граничната патрола на САД уапсила 181.059 луѓе долж јужната граница во август, споредено со 132.648 во јули, според најновите податоци. Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека само минатата недела 10.000 луѓе доаѓаат на границата секој ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

