Свет
Бајден потпиша – САД се враќаат во Парискиот климатски договор

Претседателот на САД, Џо Бајден, потпиша извршна уредба со која почна процесот на враќање на Соединетите Американски Држави во Парискиот климатски договор, со што е укинат еден од клучните потези на неговиот претходник Доналд Трамп.
Набргу по положувањето заклетва како 46-ти американски претседател, Бајден потпиша серија декрети со кои се укинаа климатските политики на Трамп, кој долго време се спротивставуваше на глобалниот договор за климата потпишан од речиси сите земји во светот, а во ноември 2020 година САД и официјално се повлекоа од пактот.
Во исто време одлуката на САД означи големо намалување на американското финансирање за посиромашните земји за да им помогне да ги надминат ефектите од климатските промени.
Европската Унија и Обединетите нации синоќа го поздравија враќањето на САД во Парискиот договор за климатски промени. Францускиот претседател, Емануел Макрон, исто така го поздрави потегот на Бајден и напиша на „Твитер“: „Добредојдовте назад во Парискиот договор“.
На својот прв ден на функцијата Бајден исто така потпиша и указ со кој се бара преиспитување на сите одлуки на Трамп за ублажување на мерките за заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Повредени патници на лет кон Хјустон, авионот поминал низ силни турбуленции

Најмалку пет патници на летот на „Јунајтед ерлајнс“ за Хјустон се повредени синоќа кога авионот наишол на силни турбуленции што го принудиле да слета неочекувано, објави денеска „Њујорк пост“.
Авионот, со 29 патници и тројца членови на екипажот, полетал од Спрингфилд, Мисури, но поради турбуленции бил пренасочен кон регионалниот аеродром Вако, изјави координаторот на Канцеларијата за управување со вонредни состојби во округот Мекленан, Рајан Диркер.
Петмина повредени патници се пренесени во блиската болница со повреди кои не се опасни по живот.
Скај Вест, кој го реализираше летот, соопшти дека авионот безбедно слетал откако навлегол во турбуленции.
Свет
Папата Франциско тргнат од респиратори, состојбата му е стабилна

Папата Франциско е тргнат од респираторите и синоќа беше во стабилна состојба, соопшти Ватикан.
Според Индипендент, тоа било знак дека ги надминал можните компликации предизвикани од респираторна криза во петокот и дека дишењето му се подобрува за време на закрепнувањето од пневмонија.
Папата продолжува да добива дополнителен кислород со висок проток по проблемите со кашлањето во петокот, што ги зголеми стравувањата од нова инфекција на белите дробови.
Лекарите во извештајот доцна во неделата рекоа дека папата Франциско остана стабилен, но повторно укажа на сложеноста на неговата севкупна состојба и ги задржаа прогнозите како претпазливи, што укажува дека тој сè уште не е надвор од животна опасност.
Папата се лекува во римската болница Гемели од 14 февруари.
Европа
Макрон: Европските земји треба да ги зголемат воените трошоци меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските земји значително да ги зголемат годишните воени трошоци, на повеќе од 3 отсто од БДП. Оваа порака тој ја испрати по итниот состанок за Украина, кој се одржа во Лондон.
Додека балтичките земји веќе некое време бараат воените инвестиции да се зголемат на најмалку 3 отсто од БДП, а актуелниот американски претседател Доналд Трамп бара до 5 отсто, Макрон сега за првпат конкретно изјави колку Европа треба да одвои според него.
„Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана во последните три години. Мораме да се подготвиме за она што доаѓа, а нашата цел треба да биде меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП“, рече Макрон во интервју за францускиот весник „Фигаро“. Франција моментално троши 2,1 отсто од својот БДП за одбрана, што е нешто над целта на НАТО од 2 отсто, која Париз ја постигна дури минатата година.
Европа, пак, се обидува да договори заеднички одговор на новата американска политика кон Украина. Вашингтон се повеќе и врти грб на Европа и бара договор со Русија, а стравувајќи за иднината на НАТО, европските земји сакаат да ги зајакнат сопствените воени капацитети и да покажат подготвеност да ги споделат трошоците во алијансата за да ја задржат американската поддршка.
Европскиот совет во четврток одржува специјален самит за одбраната и Украина, а лидерите се очекува да разговараат за начините за финансирање поголеми воени инвестиции.