Свет
„Берлинер цајтунг“ под истрага за оддавање тајни по објавувањето на плановите за посета на Зеленски
Германските власти во четвртокот отворија истрага за оддавање тајни откога германски весник објави доверливи информации за можна посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на германската престолнина во средината на мај цитирајќи анонимен извор од берлинската полиција, пренесува ДПА.
Полицијата не го именува медиумот во кој е цитиран неименуваниот полициски службеник, но „Франс прес“ го идентификува како „Берлинер цајтунг.“
Началникот на берлинската полиција, Барбара Словик, го осуди анонимниот службеник што „на толку срамен начин го нарушил угледот на берлинската полиција“, дома и на меѓународно ниво и ја загрозил државната посета на Зеленски.
„Фактот дека на насловите на весниците им се дава поголем приоритет од веродостојноста на берлинската полиција и од довербата што ни се дава не може да се толерира во никој случај“, истакна Словик додавајќи дека побарала од државната полиција да го истражи случајот како „оддавање службени тајни“.
Берлинската полиција истакна во официјално соопштение дека никогаш никому официјално не доставила каква било информација што ја загрозува државната посета објаснувајќи дека нивната прес-служба „само ја потврдила претстојната операција како реакција на објавените информации во медиумите“.
„Берлинер цајтунг“ во средата објави дека полицијата се подготвува за посета на Зеленски во средината на мај обелоденувајќи доверливи детали од безбедносната операција што се планирала за заштита на украинскиот лидер.
Зеленски во тоа време беше во Хелсинки, а вчера повторно се појави во Холандија како дел од својата европска турнеја за поддршка во конфликтот против Русија.
Според информациите во германските медиуми, властите во Киев биле бесни поради објавената агенда нарекувајќи го објавувањето неодговорно и предупредувајќи дека тоа „ја доведува во прашање можната посета на украинскиот претседател“.
Патувањата на Зеленски во странство обично се чуваат во тајност до последен момент од безбедносни причини. Ниту германската влада ниту украинската амбасада во Берлин не ги коментира извештаите за планираната посета на Берлин.
Веќе затегнатото обезбедување на украинскиот премиер е зголемено по украинскиот напад со беспилотни летала врз Кремљ во средата наутро по што Москва се закани со одмазда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.
Свет
Трамп на Молитвениот појадок: Веројатно ќе одам во рајот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека верува оти „веројатно ќе одам во рајот“.
„Навистина мислам дека ќе стигнам таму. Не сум совршен кандидат, но направив многу добро за совршени луѓе“, рече Трамп за време на говорот на Молитвениот појадок во хотелот „Вашингтон Хилтон“, објави CNN.
На настан на кој присуствуваа неколку членови на Претставничкиот дом и Сенатот, Трамп рече дека „сè уште се шегува“ за своето „патување во рајот“.
Тој тврдеше дека често избира да биде „саркастичен“ кога комуницира со медиумите, велејќи дека се обидува да се потсмева на начинот на кој се пренесуваат неговите изјави.
Трамп го нарече републиканскиот претставник од Кентаки, Томас Маси, кој се спротивставува на некои од клучните законски предлози на Трамп, „кретен“, додавајќи дека Маси би гласал против речиси секој закон што ќе биде донесен во Претставничкиот дом.
„Тој автоматски вели „не“ без разлика што е. Нешто не е во ред со него“, вели Трамп, пренесува медиумот.
Прославата по повод Молитвениот појадок за прв пат се одржа во 1953 година, а претходно вклучуваше појадок и посебен настан во Конгресот, додека оваа година се слави заедно со членовите на Сенатот со цел да се продолжи „традицијата на единствена молитва“, пренесува Танјуг.

