Свет
Бившата сопруга на Путин заработува од војната во Украина
Људмила Александровна Очеретнаја, поранешната сопруга на рускиот претседател Владимир Путин, дебело заработува од крвавата војна во Украина, пишува германски „Билд“.
На поранешната руска прва дама очигледно не ѝ е доволно тоа што Путин, од кого таа се разведе пред повеќе од девет години, ѝ овозможил да стекне големо богатство, дури и луксузни куќи.
Како што пишува „Билд“ цитирајќи го рускиот истражувачки новинар Сергеј Ежов, сега е откриено дека Људмила Очеретнаја има сериозна финансиска корист од војната во Украина заработувајќи од смртта на стотици илјади луѓе во Украина.
„Људмила, на пример, во 2018 година ѝ се приклучи на компанијата ‘Кармони’ (Carmoney), која е регистрирана на Кипар, со својата компанија ‘Меридијан’. До крајот на 2022 година поседуваше удел од 14,5 % во компанијата“, објаснува Ежов.
Како што истакнува Ежов, „Кармони“ нуди мини кредити преку својата руска подружница.
„Името на компанијата кажува сè. За да добијат заем, луѓето ги ставаат во залог своите автомобили“, вели тој.
Овие мини заеми се особено барани кај Русите со ниски приходи. Од почетокот на војната во Украина многу руски семејства зеле таков заем за да купат заштитна воена опрема за своите синови или сопрузи за борбите во Украина бидејќи Кремљ често не им ја обезбедува.
Поради лошата економска ситуација во Русија, според „Билд“, бројот на вакви заеми е зголемен 10 отсто од почетокот на војната во Украина, а „Кармони“ во 2022 година успеала да го зголеми профитот 66 %.
Благодарение на својот уделот во компанијата, Људмила заработила повеќе од 600.000 евра во првата година од војната.
„За да се прикрие директната трага, друга компанија ги презеде нејзините акции на крајот на 2022 година. Но, оваа компанија е поврзана со поранешната сопруга на Путин“, објаснува Ежов.
Добивката од кредитните трансакции не е единствениот извор на приход што го има Људмила. Таа, на пример, изнајмува огромен канцелариски комплекс во центарот на Москва во зграда што некогаш била културно и национално богатство на Русија, а со која Путин ја почестил својата поранешна сопруга.
Објектот се издава преку фирмата „Меридијан“ на Људмила, а на списокот потстанари се, меѓу другите, големите руски банки, како ВТБ и Сбербанк, агенција за наплата, аптеки, а пред војната тука бил и „Бургер кинг“. Вкупно компанијата на Људмила заработува околу 4,4 милиони евра годишно од кирии.
На почетокот на мај минатата година британските власти утврдија дека Људмила и понатаму има корист од деловните односи со руските државни институции поради што воведоа санкции за поранешната сопруга на Путин. Во ЕУ, пак, Људмила не е санкционирана.
Ежов смета дека поранешната руска прва дама не работи сама.
„Со многуте инвестиции што ги прави, се сомневам дека таа ги носи одлуките за тоа каде одат парите“, истакнува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Полска: Ние сме лојални сојузници на Америка, но нема да бидеме наивни
Соединетите Американски Држави остануваат најважниот воен партнер на Полска, а Варшава беше и ќе остане лојален сојузник, но нема да биде наивна, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред парламентот.
Неговите изјави го одразуваат деликатниот чин на балансирање што проевропската влада на премиерот Доналд Туск мора да го изврши за да одржи силен трансатлантски однос што го сметаат за клучен за националната безбедност во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува старите темели на европската безбедност, истакнува Ројтерс.
„Ги гледаме промените во САД со разбирање, но и со загриженост“, им рече Сикорски на пратениците.
„Ние бевме и ќе продолжиме да бидеме лојален сојузник на Америка. Но, не смееме да бидеме будали“, рече тој.
Сикорски, исто така, ја повика Европа да преземе поголема одговорност за својата безбедност и ја нагласи улогата на европското единство.
„Или ќе останеме обединети или ќе бидеме проголтани“
„Заканата за суверенитетот и безбедноста на Република Полска доаѓа од една насока – од исток, а не од запад. Или ќе останеме обединети или ќе бидеме проголтани од поголеми сили“, рече Сикорски.
Полскиот министер додаде дека одбраната на источниот крило на НАТО од евентуална руска агресија би чинело најмалку 1,2 трилиони евра, 24 пати повеќе од буџетот за одбрана на Полска, што укажува дека финансиската и воената помош што ѝ се дава на Украина е далеку помала од веројатните трошоци за каква било потенцијална војна меѓу Русија и НАТО.
Иако сите страни од полскиот политички спектар ги сметаат САД за најважен гарант на полската безбедност, членовите на владата на Туск го критикуваа Трамп.
Фото: Depositphotos
Свет
Орбан: Испратете мисија на ЕУ за утврдување факти за проверка на гасоводот „Дружба“
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, вчера побара од ЕУ „мисија за утврдување факти“ за да ја процени штетата на гасоводот „Дружба“ во Украина и посочи дека тоа би можело да помогне во деблокирањето на новите средства на ЕУ за Украина, објави „Ројтерс“.
„Унгарија ја поддржува идејата за мисија за утврдување факти со учество на експерти делегирани од Унгарија и Словачка за проверка на ситуацијата на гасоводот Дружба“, рече Орбан во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кое Ројтерс го виде.
Орбан рече дека е свесен за политичките тешкотии предизвикани од одложувањето на големиот заем од ЕУ за Украина.
„Мојата иницијатива, исто така, има за цел да го олесни временскиот рок за решавање на ова прашање“, се вели во писмото. Унгарија оваа недела блокираше нови санкции кон Русија и заем за Украина како одговор на прекинот на протокот на нафта низ Дружба.
Украина тврди дека цевководот сè уште не е поправен по штетите предизвикани кон крајот на јануари. Испораките на руска нафта до Унгарија и Словачка беа прекинати на 27 јануари, кога, според Киев, опремата на нафтоводот во западна Украина беше оштетена во руски напад. Словачка и Унгарија тврдат дека Украина е виновна за речиси едномесечниот прекин.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави за време на посетата на Киев во вторник, по повод четвртата годишнина од руската инвазија, дека ЕУ бара од Украина да ги забрза поправките.
„Поправката на цевководот Дружба, кој транспортира руска нафта во Источна Европа, не може да се заврши брзо и покрај барањата на Европската Унија и протестот на Унгарија“, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Унгарија го обвини Киев за намерно одложување на повторното пуштање во употреба на гасоводот, главна рута за испорака на руска нафта во Унгарија и Словачка од 1960-тите, кој продолжи да работи и покрај војната.
Фото: Depositphotos
Свет
Русија: На Украинците им предадовме тела на илјада војници, тие ни ги предадоа 35
Русија ѝ ги предаде на Украина останките на илјада украински војници, а за возврат ги прими телата на 35 руски војници, изјави советникот на Кремљ, Владимир Медински.
„Телата на 1.000 убиени украински војници ѝ се предадени на Украина. Русија за возврат ги прими телата на 35 руски војници“, објави советникот и преговарач на Кремљ, Владимир Медински, на Телеграм.
Размената на останки на борци е една од ретките области на соработка меѓу Москва и Киев од почетокот на големата офанзива на Русија против соседната земја, која влезе во својата петта година во вторник. Медински го придружи соопштението со фотографија од луѓе во бели заштитни одела кои носат вреќи за тела од камион-ладилник.
Соопштението доаѓа пред разговорите во Женева меѓу украинскиот преговарач Рустем Умеров и претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за подготовка на нови трилатерални разговори со Русија што треба да се одржат на почетокот на март.
Се очекува економскиот советник на Кремљ, Кирил Дмитриев, исто така, да се сретне со Виткоф и Кушнер во Женева.
Вашингтон се залага за крај на војната во која загинаа и беа ранети стотици илјади луѓе и предизвика масовно уништување во Украина. Но, разговорите се заглавени, главно затоа што Москва бара од Киев да отстапи територија, што Украина одбива да го стори.
Фото: Depositphotos

