Свет
Билт предупредува на борбата за моќ во услови на пандемија и пропагира глобализам
Во време кога поголемиот дел од светот е во изолација во услови на пандемијата на коронавирус се водат многу дебати за тоа дали затворените граници, ограничувањата во патувањата и самоодржливоста ќе ѝ стават крај на глобализацијата каква што ја знаеме.
Карл Билт, поранешен премиер на Шведска и лидер на либерално-конзервативната Умерена партија, во интервју за шведскиот национален радиодифузер СВТ посочи дека светот мора да ги глобализира напорите за да се запре кризата со Ковид-19.
Билт не верува во шпекулациите дека Ковид-19 потекнува од кинеска лабораторија, неодамна пропагирани од американскиот претседател, Доналд Трамп, и американскиот државен секретар, Мајк Помпео. Сепак, тој е загрижен дека кризата ја засилила борбата за моќ меѓу САД и Кина.
Според Билт, националните судири не се решение, но глобализмот е.
„Оваа борба за моќ трае веќе 30-40 години и очигледно е дека имаат намера да ја засилат. Сега сме во глобална криза што бара глобална мобилизација на моќта. Имаме глобализиран вирус и, според мое мислење, мора да ги глобализираме нашите напори за борба против овој вирус. Но за САД се чини дека е поважно да се бори против Кина отколку против вирусот “, рече Билт.
Според Билт, било ужасно кога ЕУ претходно годинава ги затвори своите граници за да ја спречи заразата зашто, според него, ниту една земја не може да се справи самата туку се потребни отворени граници.
Не е првпат Билт да го фаворизира глобализмот во борбата против кризата со коронавирус. Во интервју за „Дагенс Нихетер“ објавено кон крајот на април, Билт посочи дека Ковид-19 е прва криза во која САД веќе не се светски лидер, што, како што тврди, го оставил светот во неединство и Советот за безбедност на ОН во парализа.
„Ако немаме глобален одговор на глобален предизвик, ризикуваме да изгубиме“, напиша тој.
Претходно пролетва, Билт ги критикуваше прес-конференциите на владата зашто не се доволно глобални и пријателски настроени кон ЕУ.
„Жално е што владата нема знаме на ЕУ на своите прес-конференции. Кој го однесе? Ќе дојде денот кога ќе ни требаат солидарноста и поддршката на Европа “, посочи Билт.
Карл Билт беше премиер на Шведска од 1991 до 1994 година и беше на чело на Умерената партија од 1986 до 1999 година. Билт, исто така, беше министер за надворешни работи меѓу 2006 и 2014 година. За време на неговиот мандат и потоа, тој беше цврст поборник за глобализам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

