Свет
Бил Гејтс: Во моментов нема добра инвестиција, но не сум сигурен дека трговците го сфаќаат тоа
САД се соочуваат со голема криза, која многу генерации не ја паметат, бидејќи според економистите и аналитичарите – вака не било ниту во 2008 година. Од една страна постои недостиг на храна, додека од друга страна, луѓето масовно остануваат без работа, па повеќе од 30 милиони се пријавиле за финансиска помош.
И додека многумина сега ги даваат своите предвидувања за тоа како ќе се развива американската економија во иднина, Бил Гејтс, кој секојдневно коментира за случувањата, особено на „Твитер“, го привлекува вниманието на медиумите. Тој се обиде да одговори на прашањето на Си-ен-ен за тоа кое е најдоброто сценарио за американската економија.
Прво кратко се насмеал, како ни самиот дa не верува дека го знае точниот одговор на ова прашање.
„Во најдобар случај, започнуваме од училиштата, производството и градежништвото и бараме начин како да ги покренеме, со претпазливост поради коронавирусот. Ние не сакаме еден куп деца во училишниот хол, а потоа да ја разгледуваме ситуацијата и да оценуваме дали образовните институции се една од причините за ширење на коронавирусот“, истакнува милијардерот.
Гејтс, кој има три деца, вели дека наставата преку интернет е секако неблагодарна во случајот со учениците, затоа на студентите им е полесно на тој начин да го следат часот и да стекнат знаење. Тој вели дека до крајот на летото, непосредно пред есента, САД ќе можат да утврдат дали учењето преку интернет функционира и дали има разлика во тоа – дали детето оди на училиште или учи од дома.
Сепак, според него, употребата на технологија за целите на учењето преку интернет дополнително ќе ја потенцира нееднаквоста што постои во образованието. Кога станува збор за економија, никогаш повеќе нема да биде исто, смета Гејтс, но тој не е сигурен дали тоа го сфаќаат трговците на берзата.
„Во моментов нема добра инвестиција затоа што сите сектори се погодени од кризата. Некои компании се поприлагодливи и подобро подготвени, некои не, но сите ќе ги почувствуваат последиците во наредните години “, вели Гејтс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

