Свет
Блинкен и Лавров разговараа за размена на затвореници
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека имал искрен разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Разговорот, инициран од Блинкен, бил обид да се преговара за ослободување на двајца Американци кои се во руски затвор.
Блинкен им рече на новинарите дека разговорот бил искрен бидејќи побарал од Кремљ да ја прифати понудата дадена за ослободување на Пол Вилан и Бритни Грајнер.
Разговорот доаѓа додека администрацијата на претседателот Џо Бајден се соочува со притисок од јавноста да ги ослободи двајцата Американци – кошаркарската ѕвезда Грејнер, која е во руски затвор затоа што е фатен со масло од канабис, и Вилан, поранешен маринец – затворен поради обвиненијата за шпионажа што тој ги негира.
Американската понуда, која според локалните медиуми била испратена пред неколку недели, вклучувала размена на двајцата Американци за Виктор Бут, Русин осуден за трговија со оружје, кој се наоѓа во американски затвор.
Разговорот меѓу Блинкен и Лавров во петокот беше прв меѓу двајцата од 15 февруари, кога американскиот државен секретар ја предупреди Русија да не ја нападне Украина.
Според портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, Блинкен не планира да се сретне со Лавров следната недела, кога и двајцата ќе бидат во Камбоџа.
Во меѓувреме, Белата куќа го опиша како несериозен неформалниот одговор на американскиот предлог направен преку разузнавачки канали пред неколку недели од страна на руската Федерална служба за безбедност.
Одговорот, кој го објави CNN, вклучуваше контрапонуда за ослободување на друг Русин, Вадим Красиков. Красиков минатата година беше осуден за убиство на чеченски опозиционер во Берлин. Красиков е во затвор во Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

