Свет
Бразилскиот конгрес бара истрага против Болсонаро: „Тој се обиде да изврши државен удар“
Комитет во бразилскиот Конгрес вчера официјално побара од обвинителите да го истражат поранешниот претседател Жаир Болсонаро за неколку можни обвиненија, вклучително и обид за државен удар поради немирите на неговите приврзаници во јануари.
Комисијата што го истражува упадот на претседателската палата, Врховниот суд и конгресните згради на 8 јануари од страна на приврзаниците на Болсонаро, гласаше со 20 спрема 11 за да се прифати конечниот извештај според кој екстремно десничарскиот поранешен претседател ќе се соочи со обвиненија за обид за соборување на владеењето на правото, политичко насилство и заговор.
Извештајот од 1.300 страници – резултат на речиси петмесечни драматични сослушувања на заедничката комисија на Сенатот и долниот дом – не го обврзува правно канцеларијата на јавниот обвинител да дејствува.
Но, тоа е последниот во серијата правни проблеми за Болсонаро (68), кој веќе е под истрага по разни обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба.
На Болсонаро, кој беше претседател од 2019 до 2022 година, исто така во јуни му беше забрането осум години да се кандидира за избори поради лажно тврдење дека биле користени електронски уреди за гласање, кои биле ранливи на хакирање и измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Иран убиени двајца судии од Врховниот суд
Двајца судии се убиени утрово во напад пред зградата на Врховниот суд во Техеран, јавија државните медиуми.
„Тројца судии од Врховниот суд беа мета“.
„Двајца се убиени, а еден е повреден“, објави судската веб-страница Мизан онлајн, додавајќи дека напаѓачот се самоубил.
Свет
Америка подигa бодликава жица на границата со Мексико пред инаугурацијата на Трамп
Агентите на американската гранична патрола вчера подигнаа бодликава жица меѓу градот Ел Пасо во Тексас и неговиот мексикански сосед Сиудад Хуарез, забележа репортер на АФП.
Агентите на Царината и граничната заштита (ЦБП), исто така, спроведоа безбедносни вежби во близина на меѓународниот мост што ги поврзува двата града, што беше забележано три дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа во понеделник.
Минувањето на автомобили беше во прекин 40 минути.
„Ова е второ затворање што го гледам за една недела“, изјави за АФП Јадира Мартинез, корисник на меѓународниот мост.
По неговата победа, Трамп рече дека сака да прогласи национална вонредна состојба за да го спроведе својот план за масовно протерување мигранти и дека има намера да ги искористи вооружените сили за тоа.
„Закана број еден за нашата внатрешна безбедност е јужната граница со Мексико#, изјави вчера Кристи Ноем, која новоизбраниот претседател ја назначи за шеф на американското Министерство за домашна безбедност, посебно одговорна за контрола на имиграцијата.
Свет
„Тик-ток“: Утре се гаснеме во Америка
„Тик-ток“ синоќа предупреди дека ќе биде принуден да престане со работа во САД утре, освен ако не добие јасна изјава од Белата куќа за својата иднина.
Ова се случува откако Врховниот суд го потврди законот со кој се забранува Тик-ток во Соединетите држави поради национална безбедност, освен ако кинеската матична компанија „Бајт денс“ не го продаде на одобрен американски купувач, што компанијата го одбива.
Со оваа одлука, популарната апликација за кратки видеа е во опасност утре да исчезне.
Судската одлука ги фрла платформата и нејзините 170 милиони американски корисници во неизвесност, а нејзината судбина во рацете на Доналд Трамп, кој вети дека ќе го спаси ТикТок откако ќе се врати на претседателската функција во понеделник.