Свет
Бразил станува ново светско жариште на коронавирусот
Повеќе од 300.000 луѓе се позитивни на јужноамериканскиот континент, кој последен го зафати пандемијата на коронавирус, а Бразил со речиси 136.000 заболени, според експертите, станува ново светско жариште, пишува „Бразилијан рипорт“.
Аргентинскиот претседател, Алберто Фернандез, се согласува со таа проценка, додавајќи дека Бразил, осмата земја во светот во однос на бројот на заразени лица, претставува голем ризик за земјите од Латинска Америка.
Едно од најстарите медицински списанија, „Лансет“, смета дека најголемиот проблем за една земја што треба да одговори на растечкиот проблем на епидемијата е тоа што таа е предводена од човек како Жаир Болсонаро.
„Лансет“ додава дека загрижувачки е што смртноста е двојно зголемена за само пет дена, како и фактот што студијата на Империјал колеџ од Лондон спроведена во 49 земји покажа дека Бразил е земја со најголема брзина на ширење на Ковид-19.
„Бразилијан рипорт“ наведува дека бројни студии на бразилските факултети, заедно со фактот дека земјата би можела да стане светски епицентар на коронавирусот, исто така предупредуваат дека бројот на позитивни во земјата е помеѓу 1,6 и 2 милиони.
„Како и да е, можеби најголемата закана за бразилскиот одговор на Ковид-19 е нејзиниот претседател Жаир Болсонаро“, тврдат здравствените експерти, потсетувајќи дека претседателот пред неколку дена на новинарите кои побарале од него да коментира за драстичното зголемување на бројот на пациенти, им рекол: „Па, што очекувате од мене да правам“.
Водачите на Бразил побараа да се засилат мерките за борба против коронавирусот, бидејќи не сакаат да дозволат земјата да стане нова Аргентина или Венецуела во економски поглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.
Свет
Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големи претприемачи или големи решенија презентирани од САД и Кина. Сакаме да ги развиеме нашите сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
„На краток рок, постои цена ако не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира“, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора „да донесат многу смели одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да се овозможи развој на технолошките „шампиони“ во Европа, рече францускиот претседател.
„Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани од неевропски решенија“.
Свет
Конгресот гласаше за објавување на досиејата за Епштајн – 427 гласови за, 1 против
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денес речиси едногласно гласаше за закон со кој се наредува Министерството за правда да ги објави сите документи за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн.
Иницијативата почна уште во јули, кога мала двопартиска група пратеници започна петиција за заобиколување на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој контролираше кои закони се ставаат на гласање. На почетокот, нивните шанси изгледаа мали, особено откако претседателот Трамп ја нарече целата работа измама и ги повика своите поддржувачи да ја игнорираат.
Сепак, обидите на Трамп и Џонсон да го спречат гласањето на крајот не успеаја. Соочен со зголемена поддршка за законот, претседателот попушти, па дури и објави дека ќе го потпише доколку помине во Сенатот.
Законот беше усвоен со убедливи 427 гласови „за“ и само еден „против“. Единствениот пратеник кој се спротивстави беше Клеј Хигинс, републиканец од Луизијана и страствен поддржувач на Трамп. Интересно е што Хигинс претседава и со поткомисијата која веќе ги побара досиејата на Епштајн од Министерството за правда.
Гласањето е јасен показател за зголемениот притисок врз политичарите и администрацијата на Трамп конечно да одговорат на долгогодишните јавни барања за транспарентност во случајот Епштајн.
Џефри Епштајн беше моќен финансиер со бројни врски, а си го одзеде животот во 2019 година во затвор на Менхетен, каде што чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

