Свет
Бразил: Судот забрани прослава на годишнината од пучот во 1964 година
Судот и забрани на владата на екстремно-десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонар да ја прослави 55-годишнината од воениот удар од 1964 година, наведувајќи дека таа иницијатива не е во согласност со Уставот на земјата.
Судијката Ивана Силва да Лус оценила дека прославата планирана за утре, која ја предложи лично Болсонаро, не е во согласност со процесот на демократската обнова, утврден во Уставот од 1988 година, како и дека датумот за официјалната прослава мора да биде одобрен од страна на парламентот.
,,По повеќе години на политичко-идеолошка борба, демократски отпор и повторно освојување на правната држава, што кулминираше со усвојување на Уставот од 1988 година, од институциите се очекува хармонија, мир и рамнотежа”, се наведува во одлуката на судот.
Портпаролот на Претседателството во понеделникот објави дека 31 март 1964 треба да биде обележан како што доликува во касарните.Канцеларијата на Федералното обвинителство одговори и препорача воените единици да се воздржат од промовирање или учество во јавното одбележување на воен удар, додека Народниот правобранител констатира дека таквите церемонии не се во согласност со демократското владеење на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Ревидираниот план треба повторно да им се претстави на Русите
Каролин Левит, портпаролка на Доналд Трамп, разговараше со новинарите пред Белата куќа.
Таа порача дека разговорите за завршување на војната во Украина биле продуктивни, но дека и понатаму постојат неколку точки на несогласување.
„Ревидираниот план треба повторно да им се претстави на Русите“, напомена таа.
„Постои чувство на итност. Претседателот сака овој договор да се постигне и оваа војна да заврши. Трамп врши голем притисок врз двајцата лидери“, додаде.
На прашањето дали Трамп се држи до својот рок за постигнување договор со Украина до четврток, таа одговори дека Трамп сака договорот „да се постигне што е можно побрзо“.
Потврди и дека војната во Украина била спомната за време на денешниот телефонски разговор меѓу Трамп и кинескиот претседател Шји Џинпинг, но нагласи дека фокусот сепак бил на американско-кинеските односи.
Свет
Шпанија: Трета страна нема да одлучува кој смее, а кој не смее во НАТО
Само Украина има право да разговара за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на земјата, порача шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес.
Првичниот нацрт-предлог што го предложија САД вршел притисок врз Киев да отстапи територија и да се обврзе дека нема да се приклучи кон НАТО во замена за прекин на војната. Албарес смета дека за тие прашања треба да одлучуваат Украина, односно НАТО.
„Украина е суверена земја која има демократски избрана влада. Владата на претседателот Зеленски. Тие се единствените кои имаат право да разговараат за работите што се основни и темелни принципи на меѓународното право и светскиот поредок, како што е територијалниот интегритет“, напомена тој.
Контрапредлогот што го изработија Велика Британија, Франција и Германија донесе низа клучни промени, вклучувајќи бришење на текстот што се однесува на ограничување на понатамошното ширење на НАТО и отстранување на референциите за територијални отстапки.
Албарес повтори дека одлуката за тоа кој може да се приклучи кон НАТО не ја носи „трета страна“, туку самиот воен сојуз.
„За мене е многу јасно дека сè што е поврзано со тоа кој ќе се приклучи кон НАТО или Европската унија е на нас, земјите членки, да одлучиме. Не би било прифатливо трета страна надвор од НАТО или Европската унија да ни зборува или да одлучува кој може да влезе, а кој не“, заклучи тој.
Свет
Родители со три деца живееле во колиба во шума, италијанскиот суд им ги одзеде
Италијанскиот суд одзеде три деца од британско-австралски родители кои живееле во изолирана колиба во шумата, без струја и вода, што предизвика жестока дебата во земјата околу алтернативните стилови на живот и правата на децата. Случајот стана јавен откако семејството заврши во болница по труење со печурки, пишува „Гардијан“.
Нејтан Тревалион, поранешен готвач од Бристол, и неговата сопруга Кетрин Бирмингем, поранешна инструкторка за јавање од Мелбурн, во 2021 година купиле запуштен имот во шумскиот предел Палмоли во регионот Абруцо. Нивната цел била да ги одгледуваат своите три ќерки — осумгодишната Утопија Роуз и шестгодишните близначки Галоријан и Блу — што е можно поблиску до природата.
Семејството одгледувало своја храна, користело соларна енергија и црпело вода од бунар. Децата се школувале дома, опкружени со коњи, магариња и кокошки. Еднаш неделно оделе во Сан Салво, град на Јадранот, што бил нивниот главен контакт со надворешниот свет.
Животот на семејството привлекол внимание во септември минатата година, кога сите биле хоспитализирани по консумација на отровни печурки што самите ги собрале. Властите потоа спровеле истрага и утврдиле дека домот бил „запуштен, во ужасни хигиенски услови и без неопходни комунални услуги“, стои во судскиот документ.
Минатата недела, судија за малолетници во Л’Аквила го потврдил наводите на обвинителството дека децата претрпеле „сериозни и штетни повреди“ на нивните права и наредил да бидат одземени. Полицијата ги однела во четврток и ги сместила во установа под црковна управа. Мајката е таму со нив, но двата родителa имаат ограничен пристап, потврди нивниот адвокат Џовани Анџелучи.
Во пресудата се наведува дека „семејството живее во станбена оскудица“, дека „нема социјална интеракција, нема стабилни приходи“, дека домот „нема санитарии“ и дека „децата не посетуваат училиште“.
Таткото Нејтан Тревалион го опиша одземањето како „голема болка во срцето“ и „шок“. „Тоа беше најлошата ноќ во мојот живот“, рече за локалниот портал „Ил Центро“ ден по одземањето и додаде дека девојчињата во установата морале да спијат во одвоена соба од мајката. „Ова е најтешкиот дел. Тоа е ужасна ситуација.“
За „Ла Република“ изјави: „Живееме надвор од системот… за тоа нè обвинуваат. Им го уништуваат животот на среќно семејство.“ Адвокатот на парот најави жалба, тврдејќи дека извештајот на судијата содржи „неточности“, особено во врска со школувањето на децата.
Случајот предизвика политичка контроверзија. Премиерката Џорџа Мелони изрази „загриженост“ и нареди министерот за правда да го испита случајот, додека вицепремиерот Матео Салвини го спореди постапувањето со „киднапирање“.
Синдикатот на италијанските судии (ANM) предупреди на „политичко искористување“ на случајот, истакнувајќи дека одлуката е донесена врз основа на фактори како безбедноста на децата, хигиенските услови и образованието.
Познатата италијанска социологинка Кијара Сарачено оцени дека ситуацијата е тешко да се процени.
„Нема ништо лошо во желбата да се понуди алтернативно образование. Проблем е колку децата биле изолирани и какви биле нивните хигиенски услови“, рече таа, поставувајќи и прашање зошто службите не се подеднакво ревносни во други случаи. „Толку многу сиромашни деца живеат во неадекватни домови. Тогаш мора да се запрашаме: каде се социјалните работници?“
Градоначалникот на блискиот Палмоли, Џузепе Масчиули, исто така ја осуди мерката. „И јас сум родител, па ме потресе оваа ситуација“, изјави за CNN, додавајќи дека верува оти случајот може да се реши ако семејството прифати одредени услови, вклучувајќи повторно воведување проточна вода и неделни средби со локалното училиште за следење на напредокот на децата.

