Свет
„Брејтбарт“: Иднината на Израел зависи од реизборот на Доналд Трамп
Не е претерување да се каже дека ако Хилари Клинтон победеше на изборите во 2016 година, а американската политика кон Израел продолжеше во насоката што ја водеа претседателот Барак Обама и потпретседателот Џо Бајден, Израел ќе се соочуваше со растечка терористичка закана на секоја граница, неизбежна опасност од војна со Иран и можност за дипломатска изолација и осакатувачки бојкоти од меѓународната заедница, пишува „Брејтбарт“.
Претседателот Трамп го смени сето тоа – драматично.
Трамп го посети Западниот ѕид во 2017 година станувајќи првиот претседател на САД што го стори тоа и потврдувајќи ја еврејската врска со Ерусалим откога Обама дозволи Советот за безбедност на ОН да донесе резолуција со која се прогласува за незаконско присуството на Израел во Стариот град. Се шпекулира дека Бајден лично лобирал во Украина за поддршка на резолуцијата.
Подоцна истата година Трамп го почна процесот на преместување на американската амбасада во Ерусалим признавајќи го како главен град на Израел. Кога во мај 2018 година официјално беше отворена новата амбасада, Институтот за надворешна политика предвидуваше дека другите амбасади ќе бидат цел на терористи, а САД ќе ја изгубат дипломатската моќ во регионот.
Ништо од тоа не се случи и кога Трамп го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина. Наместо тоа, стоејќи цврсто до Израел, Трамп демонстрира дека САД ќе ги поддржат своите регионални сојузници.
Денес, Израел ужива мир и нормализирани односи со сè поголем број арапски држави, особено ОАЕ и Бахреин. Трамп исто така ја намали заканата од терор кон Израел кратејќи ги средствата што ги поддржуваа палестинските терористи.
Хамас, кој трипати влезе во војна против Израел по изборот на Обама (2008, 2012 и 2014 година), беше релативно тивок. ИД, која некогаш му се закануваше на Израел на северот, беше збришана од САД во Сирија. И Хезболах, на кој Обама му помогна дозволувајќи му да пере пари преку криминал, е сè понепопуларен во Либан по масовната експлозија во Бејрут во август.
Најважно од сè, Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор, што ќе му овозможеше на Иран да стане нуклеарен вооружен режим по речиси една деценија, дури и ако Иран ги почитуваше условите.
Како што покажа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, користејќи украдени досиеја од Иран, режимот ја продолжил својата нуклеарна програма и покрај договорот. Иран исто така продолжи да развива нуклеарни балистички ракети и користеше милијарди средства од договорот за финансирање на своите воени операции.
На местото на договорот Трамп повторно воведе строги економски санкции за Иран, кои го доведоа режимот до работ на колапс.
Трамп исто така им помогна на американските Евреи во борбата против антисемитизмот, особено преку извршната наредба што им овозможува на Евреите да уживаат во целосната заштита на законите за граѓански права. Денес, Израел стои на прагот на новата ера на мир и просперитет.
Ако Трамп биде реизбран, Иран ќе остане под силен притисок. Повеќе арапски држави ќе склучат мир со Израел. И Палестинците ќе треба да го изберат патот на мир наместо да се залагаат за антиизраелска демократска администрација.
Ако победи Бајден, тој ќе ја врати неуспешната политика на дистанца кон Израел. Неговите советници за надворешна политика ги вклучуваат истите луѓе што посредуваа во договорот со Иран; неговиот преоден тим вклучува демократи, кои отворено се заканија дека ќе ја намалат помошта за Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА
Свет
Убиени и ќерката, зетот и внукот на ајатолахот Али Хамнеи, јавуваат иранските медиуми
Ќерката, зетот и внукот на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, се убиени во нападите, соопшти новинската агенција “Фарс“, која е поврзана со Корпусот на Исламската револуционерна гарда, повикувајќи се на „добро информирани извори“ во канцеларијата на врховниот лидер, објави вечерва „Би-Би-Си“.
„Фарс“, исто така, соопшти дека „една од снаите на ајатолахот Хамнеи е исто така убиена во нападите“.
Извештаите за смртта на снаата и зетот на Хамнеи претходно циркулираа, но подоцна беа демантирани.
Иранските власти сè уште официјално не ја потврдија смртта на самиот врховен лидер на Иран.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.

