Свет
Британец шпионирал за Русија во британската амбасада, доби 13 години затвор
Британски чувар, кој работел во британската амбасада во Германија и бил фатен како шпионира за Русија, денеска е осуден на 13 години и два месеца затвор.
Дејвид Балантајн Смит (58) се изјасни за виновен по осум точки од обвинението, но тврдеше дека намерно не сакал да повреди никого. Казната може да ја издржи во Германија или Британија, пренесува „Скај њуз“.
Смит, кој по потекло е од Пејсли, Шкотска, на суд тврдеше дека бил депресивен и осамен и дека пиел до седум литри пиво дневно кога почнал да издава тајни од Амбасадата за, како што тврди, да ги засрами. За време на изрекувањето на пресудата, судијата ги отфрли неговите оправдувања велејќи дека „давајќи значителна количина материјал на непријателска земја, тој им наштетил на британските интереси“.
„Вашата работа беше да се осигурате дека Амбасадата и нејзиниот персонал се безбедни. Ова беше јасно прекршување на довербата што ви е дадена“, му рече судијата на Смит.
Тој тврди дека Смит „упорно и релативно софистицирано“ собирал информации и предизвикувал „анксиозност и стрес“ кај персоналот на Амбасадата и нивните семејства.
Судијата додаде дека Смит бил „платен од Русија за предавство“ додавајќи дека нема докази оти тоа се „износи што ќе му го променат животот“. Според пресудата, Смит зел фотографии и документи од фиоките на Амбасадата, како и снимки од надзорните камери. Тој на руските службеници им ги дал имињата, фотографиите и личните податоци на персоналот на Амбасадата, како и тајните документи.
Покрај тоа, тој снимил видео шетајќи низ Амбасадата, со што на Русите им открил детали за зградата и канцелариите. Судијата рече дека Смит „развил антибритански и антизападни чувства“ додавајќи дека тоа „директно ги предизвикало“ неговите постапки.
Колегите од Амбасадата слушнале како Смит отворено ги критикува Велика Британија и Германија и изразува позитивни мислења за Русија и нејзиниот претседател Путин. На суд тој призна дека отворено ги поддржувал проруските сили во регионот Донбас во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

