Свет
Британскиот министер за одбрана: Време е да се изврши притисок врз Путин

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сојузниците на Украина „мора да дејствуваат“ и „да го зголемат притисокот врз Путин“, во услови на неизвесност за мировните преговори во Турција, пренесе АФП.
Зборувајќи по состанокот со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин, Хили повика на нови санкции против Русија и нагласи: „Треба да извршиме притисок врз Путин да го принудиме на преговарачка маса. Сега е време да започнеме преговори и да ја запреме војната“.
Тој додаде дека рускиот претседател „има моќ да ја запре војната – може да отпатува во Истанбул, да преговара и да нареди прекин на огнот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Ердоган: Турција е подготвена

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е подготвена да им биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин „кога ќе бидат подготвени да се сретнат“.
На средбата со Зеленски во Анкара, Ердоган ја оцени актуелната ситуација како историска можност за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина и ја изрази силната поддршка на Турција за дијалогот, како на техничко, така и на највисоко лидерско ниво, пишува весникот „Дејли Сабах“.
Тој ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на евентуален самит меѓу Путин и Зеленски и нагласи дека Анкара придава големо значење на одржувањето на отворените канали за комуникација меѓу Москва и Киев.
Руската делегација на преговорите во Истанбул ја предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Претходно, европските лидери го повикаа Кремљ на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, а Путин предложи директни разговори во Истанбул.
Свет
Шефот на руската делегација: Путин ни постави цели за преговорите

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Анкара, шефот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински одржа своја прес-конференција.
Медински изјави дека Русија ги смета овие преговори за продолжување на мировниот процес кој започна во 2022 година. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин лично ги одредил задачите на делегацијата и ја дефинирал преговарачката позиција, по состанокот со воените команданти задолжени за таканаречената „специјална операција“, термин што Кремљ сè уште го користи за војната и целосната инвазија на Украина.
Медински тврди дека руската страна е решена да најде решенија и допирни точки во Истанбул.
Од друга страна, Зеленски постојано повторуваше дека Русија не е сериозна за постигнување мир, токму затоа што преговорите не ги води самиот Путин, кој според него ги носи сите клучни одлуки во земјата.
Свет
Зеленски: Русија не пристапува сериозно кон мировните преговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се обрати на јавноста по средбата со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.
Тој рече дека во украинската делегација се министерот за надворешни работи, шефот на кабинетот на претседателот, министерот за одбрана, началникот на генералштабот, директорот на безбедносната служба и претставници на разузнавачките служби.
Додаде дека и Турција ја пречекала Украина со делегација на највисоко ниво.
Тој потврди дека ќе се одржи средба со делегации од Русија, Украина, САД и Турција.
Зеленски на прес-конференција во Анкара рече дека доколку се постигне договор за прекин на огнот на техничко ниво за време на денешните преговори во Турција, средбата со рускиот претседател Владимир Путин повеќе нема да биде потребна. Истовремено, тој ги повика сојузниците на Украина да го зголемат притисокот врз Москва доколку руската страна не покаже подготвеност за сериозни разговори.
Сепак, украинскиот лидер повторно ја обвини Русија дека не пристапува сериозно кон мировните преговори.
Тој изјави дека предлогот што го изнел претседателот на САД, Доналд Трамп, бил да се сретнат лидерите, но Русија испратила „делегација од ниско ниво“.
Претседателот на Украина додаде дека, иако за мировните преговори во Турција одбрал „делегација на највисоко ниво“, сепак решил да не ги испрати сите членови, кога станало јасно дека Русија испраќа само тим од пониско ниво.
„Решив да испратам делегација во Истанбул, но не сите нив“, рече Зеленски.
Тој наведе дека делегацијата ќе ја предводи министерот за одбрана, а дека во неа ќе има и други воени и разузнавачки претставници.
„Не се подготвени да разговараат за крај на војната“
Зеленски продолжи со критики за нивото на руската делегација испратена во Истанбул.
„Ги гледаме претставниците на Руската Федерација и разбираме за какво ниво станува збор“, изјави тој.
Зеленски остро ја критикува Русија, обвинувајќи ја за непочитување поради изборот на делегацијата.
„Русија треба барем нешто да покаже, макар преку нивото на делегацијата“, продолжи Зеленски.
„Ако не ја видиме таа демонстрација, тоа значи дека не се подготвени да разговараат за крај на војната и донесување одлуки, тоа значи дека им недостасува политичка волја.“
Непочитување и кон Трамп
Зеленски појасни дека не зборува само за непочитување кон Украина, туку истакна дека и Доналд Трамп испратил „голема група луѓе“ на преговорите.
Зеленски нагласи дека неговата земја останува посветена на средбата со американските и турските тимови и изрази надеж дека и руската делегација ќе биде присутна.
Додаде дека времето на денешната средба во Истанбул, за која веќе се известува, сè уште не е прецизирано.
Подготвени за директни преговори
Украинскиот претседател беше запрашан што ќе се случи ако руската делегација одбие прекин на огнот.
Одговори дека преговори веќе се воделе во различни формати во земји како Саудиска Арабија, Обединетото Кралство, Франција, и денес во Турција, и дека не е лесно да се разговара со руските претставници, но Украина останува „подготвена за директни преговори“.
Зеленски беше прашан кои би можеле да бидат следните чекори на неговата земја.
„Не сакам да губам време“
Украинскиот лидер одговори дека „не сака да губи време и да расправа што значи праведен мир за Украина, бидејќи на некои ќе им се допадне, а на некои не“.
Тој укажа на Повелбата на Обединетите нации и на тоа дека треба да се почитува фактот дека Украина е суверена држава.
„Сите имаме мандат од украинскиот народ и од нашите законодавци да се согласиме околу одредени чекори што ќе доведат до крај на војната“, рече Зеленски и ја повика Русија да „покаже барем нешто“ – повикувајќи се директно на „нивото на нивните лидери“.
„Ако не ја видиме таа демонстрација, тоа значи дека не се подготвени да разговараат за крај на војната“, додаде тој. „Тоа значи дека им недостасува политичка волја.“
Нема мир без прекин на огнот
Зеленски рече и дека, доколку не дојде до разговори за прекин на огнот, војната не може да заврши. Обраќајќи им се на присутните новинари, истакна дека Русија со своето однесување покажува дека не сака да ја запре војната, и повика на засилен притисок врз таа земја – како од страна на земјите во развој, така и од сојузниците на Украина.
Украинскиот лидер додаде дека очекува воведување дополнителни санкции кон Русија за да се придонесе за завршување на војната.
Зеленски рече дека, ако Путин е подготвен за преговори без предуслови, „ајде да се сретнеме“. Тоа го изјави како одговор на прашањето дали партнерите на Украина би биле подготвени да воведат санкции.
Главната задача на Украина – конструктивност
Украинскиот претседател истакна дека главната задача на Украина е да биде „конструктивна“, поради што испратиле делегација предводена од министерот за одбрана.
Новинарите го потсетија Зеленски на некои коментари од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој го нарекол „патетичен“ како одговор на претходната изјава на Зеленски дека Путин испратил „статисти“ во Турција.
„Путин не сака прекин на огнот“
Зеленски се осврна на тоа прашајќи зошто тогаш Путин сам предложил директни преговори.
„Тој не сака прекин на огнот“, рече, додавајќи дека рускиот претседател не може да каже: „нека започне прекин на огнот“.
Украинскиот претседател исто така истакна дека претседателот на САД, Доналд Трамп, наговестил дека е подготвен да се приклучи на преговорите – „покажувајќи добра политичка волја“.
Трамп изврши притисок врз двете страни, но повеќе врз Украина
Украинскиот претседател рече и дека американскиот претседателод почетокот на неговиот мандат извршил поголем притисок врз Украина отколку врз Русија.
„Во дипломатијата се влегува за да се избегнат ќорсокак и затоа мора да се преземат чекори кои водат кон мир“, рече Зеленски и додаде: „Треба да извршиме притисок врз страната која не сака да заврши војната“.
Зеленски истакна дека и Турција и САД се обиделе да извршат притисок врз двете страни, но се чини дека Украина била под поголем притисок: „Украина се бори за себе. Не сме подготвени да ги загубиме животите и земјата. Тоа не значи дека сме агресори“.
Нема да има изненадувања во Истанбул
Во завршните зборови на прес-конференцијата во Анкара, Зеленски, истакна дека Украина не е агресор во оваа војна и дека веќе ја покажала својата подготвеност за компромис преку бројни дипломатски канали.
„Имаме многу услови“, рече тој, но нагласи дека Украина ќе прифати безусловен прекин на огнот доколку двете страни се договорат за тоа.
„Не може еднострано да се одлучи за прекин на огнот, потребен е притисок врз Русија“, рече Зеленски. Како заклучок, тој рече дека украинската делегација ќе остане во Истанбул денеска и утре „за да се осигура дека нема изненадувања“ за време на мировните преговори.
Со тоа Зеленски го заврши своето обраќање од Анкара.