Свет
Британските зависници од дрога прават залихи поради малата понуда на пазарот
Некои корисници на дроги во Велика Британија започнаа со складирање недозволени супстанции, поради слабата понуда на црниот пазар во екот на коронавирусот, информираат тамошните медиуми.
Експертите предупредуваат дека последиците би можеле да бидат погубни, затоа што луѓето можат да усвојат нови, фатални навики, но исто така и затоа што зависниците честопати имаат и други здравствени проблеми, така што здравствениот систем може да се стави под дополнителен притисок, пренесува Си-ен-ен.
Како што велат тие, загрижувачки се и извештаите за недостатоци и зголемувања на цената на лековите.
Јан Хамилтон од Универзитетот во Јорк верува дека многу брзо во Велика Британија ќе дојде до недостиг на хероин, додека политичкиот аналитичар од Фондацијата за трансформација на политиката за дрога, Стив Ролс, вели дека има докази за пораст на цената на дрогите.
„Се чини дека понудата на дрогата што ја користат овие луѓе, особено хероинот, ќе биде ограничена… ќе биде многу потешко да се најде дрога. Како што одминуваат неделите, мислам дека ќе бидеме сведоци на суша, хероинска суша“, вели Ролс.
Професорот по криминалистика на Универзитетот во Кент, Алекс Стивенс, вели дека во одредени градови, како Бирмингем и Бристол, зависниците од хероин и синтетички канабиноид од дилерите добиваат помала количина дрога во пакување од 12 долари, отколку што тоа било случај пред четири или пет недели.
Криминалната индустрија за наркотици е сè уште активна, пред сè преку темни онлајн мрежи како Крегслист, па многу зависници купуваат дрога преку електронска пошта, користејќи го фактот што полицијата во моментов е фокусирана на други работи.
Ролс вели дека слушнал за случаи кога дилерите на дрога се маскираат како здравствени работници или облекуваат униформи на вработени во супермаркети за да направат достава кај своите клиенти.
Последен пат хероинска суша во Велика Британија имало во 2010 и 2011 година, кога чистотата на дрогата се спуштила на 18 проценти, а цените на улиците се зголемиле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

