Свет
Британски војник убиен од слон при операција против ловокрадци во Африка
Британскиот војник Метју Талбот загинал во операција за сузбивање на ловокрадците во Малави, кога, како што се верува, бил убиен од слон, пренесува Би-би-си.
Талбот загинал при патрола на 5 мај за време на неговата прва операција, објави британското Министерство за одбрана.
„Овој трагичен инцидент претставува предупредување за опасноста со која се соочува нашата армија, додека ги штити некои од најзагрозените видови во светот од оние кои сакаат да заработат пари преку криминално убивање на дивите животни“, рече британската министерка за одбрана, Пени Мордон.
Таа истакна дека војникот служел со голема храброст и професионализам.
Неговиот командант, потполковникот Ед Лондерс, изјави дека Талбот бил решителен и смел војник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Повредени и загинати при судир на воено и цивилно возило на патот Краљево-Рашка
Борбено возило „ПАСАРС“ на војската на Србија денеска околу 13 часот и 10 минути се судрило со цивилно возило кај градот Ушќе на патот Краљево-Рашка, соопшти Министерството за одбрана.
Борбеното возило – противвоздушен самооден артилериско-ракетен систем во колона под придружба на воената полиција се движело кон Рашка.
Според првите информации има повредени и загинати, се вели во соопштението на Министерството.
Европа
Вонредна состојба во Италија, поплавени се два региони
Италија прогласи вонредна состојба денеска за два поплавени региони на северот од земјата по неколкудневните поројни врнежи.
Поројните врнежи предизвикаа поплавени патишта во двата региона. Вкупно, повеќе од 2.500 луѓе мораа да бидат евакуирани од своите домови. Зафатени се неколку градови, вклучувајќи ги Болоња, Модена и Равена, како и приморското одморалиште Римини на јадранскиот брег.
Свет
Расте бројот на загинати во израелскиот напад на Бејрут, меѓу загинатите има деца
Бројот на загинати од израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут, жариште на проиранското движење Хезболах, се искачи на 31, соопштија денеска властите.
„Меѓу загинатите има три деца и седум жени“, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад на прес-конференција, додавајќи дека најмалку 68 лица се повредени во петочниот штрајк.
Претходно, Министерството објави дека загинале најмалку 12 лица.
Во меѓувреме, бројот на жртви од координираните експлозии со електронски уреди во Либан на почетокот на оваа недела се зголеми од 37 на 39, соопшти Министерството за здравство.