Свет
Британски медиуми тврдат дека Хамас планира антиизраелски напади во Турција
Лондонски „Телеграф“, повикувајќи се на записници од испрашувања на израелската полиција, објави дека Хамас, означена како терористичка група од Израел, САД, Велика Британија и од ЕУ, го користи Истанбул како база за заговор за напади против еврејската држава, пренесува „Спутник“.
Во извештајот се тврди дека турската влада и, пред сè, претседателот Реџеп Таип Ердоган, ѝ понудиле на организацијата безбедно засолниште во Истанбул и замижување пред нејзините активности бидејќи Хамас, наводно, го користи најголемиот град во Турција за организирање на операции во Ерусалим и на Западниот Брег.
Во статијата, исто така, се тврди дека претходно напуштениот заговор за атентат врз градоначалникот на Ерусалим е најверојатно испланиран во Истанбул.
„Израел е крајно загрижен што Турција им дозволува на терористите на Хамас да оперираат од нејзината територија во планирањето и вмешаноста во терористички напади против израелските цивили“, вели израелскиот министер за надворешни работи.
Турски дипломатски извор, наводно, ги негирал обвиненијата дека Хамас го користи Истанбул за планирање напади против Израел и тврди дека групата не е терористичка организација туку легитимна палестинска политичка партија. И Хамас наводно ги негирал обвинувањата.
Минатата недела лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, се состана со Ердоган за време на неговата посета на Турција, негово прво патување во странство во последните три години. Според новинската агенција „Анадолија“, средбата била затворена за новинарите. Ханије, исто така, се сретнал со Салех Арури, заменик-лидерот на Хамас и основач на военото крило на оваа организација, кој е на листата барани лица на владата на САД, и со неколку други високи претставници на Хамас.
Во извештајот на „Телеграф“ се тврди дека десетина оперативци на Хамас се преселиле во Истанбул од Појасот Газа минатата година, што сериозно ги заостри дипломатските односи меѓу Турција и Израел.
Турција беше првата муслиманска земја што го призна Израел во 1949 година, но Ердоган постојано изразува поддршка за палестинската заедница и за нејзините права во Ерусалим, истовремено дефинирајќи го Хамас како политичка партија.
„Турција ќе продолжи да стои зад угнетените луѓе на Палестина, како што тоа го правеше секогаш“, рече Ердоган пред Генералното собрание на ОН во септември.
Тензиите меѓу Израел и палестинската група ескалираа неодамна откако Израел го уби постариот командант на групата Исламски џихад, Баха Абу ал Ата, во Појасот Газа. Ова беше проследено со повеќекратна размена на оган меѓу двете страни во текот на ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.