Свет
Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ ефикасни кај бремените жени и доилките, антителата се пренесуваат на бебињата
Вакцините против коронавирус на „Фајзер“ и „Модерна“ се ефикасни кај бремените жени и доилките кои можат да пренесат антитела на новороденчињата, според истражувањето објавено во American Journal of Obstetrics and Gynecology.
Научници од болницата „Масачусетс џенерал“, од Универзитетот МИТ и од Универзитетот Харвард, проучиле 131 жена вакцинирана со „Фајзер“ или „Модерна“, објави Си-ен-ен. Меѓу нив, 84 биле бремени, 31 доеле, а 16 не биле бремени.
Нивните примероци биле собрани од 17 декември 2020 година до 2 март 2021 година.
„Се чини дека овие вакцини работат исклучително ефикасно кај овие жени. Нивоата на антитела, стимулирани со вакцинација, биле исти кај бремените жени и доилките како кај жените кои не биле бремени. Тимот забележа дека нивото на антитела по вакцинацијата е значително повисоко од нивото на антитела создадени по инфекцијата со коронавирус за време на бременоста“, се наведува во извештајот.
„Се чини дека овие вакцини работат исклучително ефикасно кај овие жени“, рече еден од научниците, Галит Алтер, професор на Институтот „Рагон“.
Покрај ова, тимот откри дека жените ги пренесуваат антителата на своите бебиња, а тие се измерени во мајчиното млеко и плацентата.
„Речиси сите мајки пренесоа прилично пристојно ниво на антитела на своите бебиња“, рече Алтер, додавајќи дека се потребни дополнителни истражувања за да се разбере колку траат тие заштитни антитела кај бебињата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.
Свет
Во Женева заврши првиот дел од преговорите помеѓу САД, Украина и Русија
Трилатералните мировни преговори меѓу САД, Русија и Украина во Женева завршија по речиси пет часа, објавија руските медиуми.
Руската делегација ја предводеше Владимир Медински, а Украина ја претставуваа претседателот на Советот за безбедност Рустем Умеров и началникот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Кирил Буданов.
Во дискусиите учествуваа и американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Иако деталите од разговорите сè уште не се откриени, ТАСС објави дека се разговарало за потенцијални компромиси. Во исто време, се очекува контактите да продолжат утре.

