Свет
Велика Британија воведе санкции за шефовите на рускиот затвор во кој почина Навални
Велика Британија воведе санкции против шест лица кои ја водат казнената колонија на Арктикот каде што минатата недела почина рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални.
Началникот на казнената колонија и петмина негови заменици се под санкции. Ќе им биде забранет влезот во Обединетото Кралство, а имотот ќе им биде замрзнат, најави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
„Јасно е дека руските власти го гледаа Навални како закана и постојано се обидуваа да го замолчат. Никој не треба да се сомнева во угнетувачката природа на рускиот систем“, рече тој.
„Оние кои се одговорни за бруталниот третман на Навални не треба да живеат во илузија – ќе ги прогласиме за виновни“, додаде тој.
Во саботата, Камерон вети акција по ова прашање, додека Лондон го повика рускиот амбасадор за да стави јасно до знаење дека ги смета руските власти целосно одговорни за смртта на Навални.
Русија, која негираше вмешаност во смртта на 47-годишниот опозициски лидер, во саботата рече дека е неприфатливо Лондон да се меша во нејзините внатрешни работи.
Европската унија, исто така, оваа недела беше блиску до воведување нови санкции кон Москва поради нејзината војна против Украина, додека вдовицата на Навални, Јулија Навална, рече дека Путин мора да одговара.
Германија, Литванија и Шведска беа меѓу земјите на ЕУ кои повикаа на специјални нови санкции против Русија поради смртта на Навални.
Соединетите држави во петок ќе објават голем пакет санкции против Русија поради смртта на Навални и двегодишната војна во Украина, изјави во вторникот претседателот Џо Бајден.
Велика Британија воведе санкции за повеќе од 1.700 поединци и ентитети од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, соопшти владата.
Членките на ЕУ денеска го одобрија 13. пакет санкции против Русија. Беа воведени санкции против речиси 200 субјекти и поединци обвинети дека и помагале на Москва да набави оружје или дека учествувале во киднапирање на украински деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

