Свет
Венс за падот на берзата: Беше тоа само еден лош ден, ќе имаме бум

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави за Newsmax дека вчерашниот пад на берзата, најголем од 2020 година, е само еден лош ден.
„Но, долго време ќе имаме бум на берзата, бидејќи повторно инвестираме во САД“, рече тој.
Потпретседателот нагласи дека владата сака Волстрит да работи успешно: „Но она што ни е најважно се американските работници и американските мали бизниси. Тие се оние кои ќе имаат најголема корист од овие политики“.
Венс, исто така, рече дека воведените царини можеле да бидат многу повисоки, но дека Трамп се обидува да испрати порака дека САД ќе бидат донекаде попустливи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Синот на заменик-директорка во ЦИА убиен во Украина борејќи се за Русија, објави руски независен истражувачки портал

21-годишниот Американец Мајкл Александар Глос потпиша договор со руското Министерство за одбрана и загина борејќи се во војната против Украина во 2024 година, објави рускиот независен истражувачки портал IStories.
Она што ја прави неговата приказна уште поневеројатна е фактот дека неговата мајка, Џулијан Галина Глос, е заменик-директор на ЦИА за дигитални иновации.
Глос потпиша договор со руската војска на 5 септември 2023 година, според податоците од Московскиот систем за управување со медицински информации (EMIAS), кои беа објавени во јавноста.
Тој бил внесен во системот од страна на вработените во центарот за регрутирање војници по договор во Москва, а како негова адреса на живеење – како и кај стотици други странски волонтери – ја навеле адресата на самиот центар. Патем, во оваа просторија се вршат и медицински прегледи на кандидатите за регрутирање.
Според извор близок до Глос, американскиот државјанин бил распореден во единици за напад во декември 2023 година. Во тоа време, 137-от полк дејствувал северозападно од Соледар во регионот Донецк. Глос загинал на 4 април 2024 година, како што е потврдено во некролог објавен од неговото семејство. Точните детали за неговата смрт не се познати. Според погребалниот дом, тој бил погребан во Соединетите Држави осум месеци по неговата смрт.
Мајкл Глос е еден од повеќе од 1.500 странски државјани кои поминале низ московскиот центар за регрутирање за време на војната во Украина, чии идентитети ги откри IStories. Според порталот, платеници од вкупно 48 земји се приклучиле на руската страна во војната, вклучувајќи членки на Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
Европа
Путин имаше долг разговор со човекот на Трамп: можни директни преговори меѓу Москва и Киев?

Кремљ издаде кратко соопштение во кое се наведува дека денешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претставник Стив Виткоф, кој беше назначен од претседателот Доналд Трамп, завршила.
Според истиот извор, во разговорите учествувале и помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, и раководителот на Рускиот национален фонд за благосостојба, Кирил Дмитриев.
Средбата траеше три часа и беше конструктивна, рече Ушаков.
Според него, за време на разговорот била разгледана и можноста за директни преговори меѓу Русија и Украина. Ушаков додаде дека позициите на Москва и Вашингтон се приближиле не само во врска со Украина, туку и во врска со други теми и најави продолжување на „продуктивниот дијалог“ на различни нивоа.
Русија и Украина не воделе директни преговори од првите недели од војната, која започна во февруари 2022 година.
Пред да замине за Рим на погребот на папата Франциско, американскиот претседател Доналд Трамп кратко разговараше со новинарите и оптимистички коментираше за состојбата на преговорите:
„Мислам дека на крајот ќе склучиме многу добри зделки… Ќе се обидеме да се извлечеме од војните за да спасиме 5.000 луѓе неделно. Тоа е мојата цел. Сакам да спасам 5.000 млади мажи – претежно Украинци и Руси – 5.000 украински и руски мажи, и би ми било голема чест ако можам да го направам тоа“, рече Трамп.
„И мислам дека сме доста блиску“, додаде тој. Трамп не објасни од каде доаѓа проценката за 5.000 спасени луѓе неделно.
Свет
Медведев: Русија нема да дозволи историјата да се прекројува

Заменик-претседателот на Советот за безбедност и лидер на партијата Единствена Русија, Дмитриј Медведев, денес изјави дека Русија нема да дозволи обиди за препишување на историјата од Втората светска војна и изедначување на агресорите со ослободителите.
„Благодарение на нашите херои јасно гледаме како историјата ги казнува оние што не ги научиле лекциите, оние што се обидуваат да ги ревидираат резултатите од Втората светска војна. Нема да дозволиме историјата да се прекројува“, рече Медведев за време на отворањето на меѓународната патриотска кампања „Диктатот на победата“, објави „РИА новости“.
Зборувајќи за современиот контекст, Медведев истакна дека денес Русија повторно се соочува со нацизмот, но под нов плашт.
„Нашата земја е повторно на фронтовската линија против истиот нацизам. Војниците и офицерите на специјалната воена операција, како и сите што работат во заднина и му помагаат на фронтот, ја продолжуваат работата на своите големи претходници“, рече тој.
Кампањата „Диктатот на победата“ се одржува на повеќе од 35.000 локации во Русија и во повеќе од 90 земји од целиот свет.
Учесниците, меѓу кои ученици, студенти, членови на јавни организации и други граѓани, имаат 45 минути да одговорат на прашања за големата патриотска војна и тековните воени настани, пренесува „Танјуг“.