Свет
Веќе нема шанси да се извлечат преживеани од урнатините во Мајами
Спасувачите што работат на урнатата зграда во американската држава Флорида го пренасочија фокусот на нивните активности од пронаоѓање можни преживеани во операцијата кон пронаоѓање тела на жртви откога утврдија дека нема шанси некој во урнатините и натаму да е жив.
Промената дојде денес, две недели откако зградата во Сурсфајд делумно се сруши на 24 јуни.
Помошник-шефот на пожарникарската служба во Мајами Дејд, Рајид Џадалах, на брифингот изјави дека начинот на кој паднала зградата, при што подовите се ределе еден врз друг, оставил многу малку простор за некој да може да преживее, објави „Гласот на Америка“.
Тој рече дека последниот познат аларм поради знаци на живот пристигнал во првите часови по уривањето на зградата и дека оттогаш кучињата трагачи, скенерите и камерите немаат регистрирано никакви знаци.
Градоначалничката на Мајами Дејд, Даниела Левин Кава, рече дека се пронајдени уште осум тела, со што бројот на жртвите се искачи на 54. Од нив, идентификувани се 33 лица, а 86 лица сè уште не се пронајдени.
Таа додаде дека фокусот сега ќе биде насочен кон помагање семејства што чекаат вести за нивните најблиски и дека ќе се вложат напори да се идентификуваат сите жртви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италија и Полска нема да се приклучат кон Oдборот за мир на Трамп
Италија и Полска објавија дека нема да се приклучат на новиот „Одбор за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп, иницијатива која беше замислена како инструмент за прекин на огнот во Појасот Газа, но која Трамп сака да ја прошири на глобално ниво.
Повеќе западни земји се воздржани поради поканата до Русија и Белорусија, стравувајќи дека Одборот би можел да стане паралелен механизам на Обединетите нации.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека земјата нема да се приклучи „во овие околности“, но ја остава можноста отворена за понатамошна анализа.
Италија, пак, има „уставна пречка“ за влез во вакви структури кои не обезбедуваат еднакви услови за сите членки, објасни шефот на дипломатијата Антонио Тајани. Премиерката Џорџа Мелони претходно побарала од Трамп да ги смени правилата за да може Италија да се приклучи.
Свет
Зеленски лут за недостигот од „Патриот“ – претставник на НАТО вели: Не е доцнење, туку логистика“
Недостигот од пресретнувачки ракети од системот „Патриот“ со кој се соочија украинските вооружени сили во јануари – а кој ѝ овозможи на руската армија да нанесе штети на енергетската инфраструктура – не е поврзан со доцнења во плаќањата од европските донатори или со други финансиски проблеми, изјави претставник на НАТО во Брисел, во очи состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, пренесува „Европска правда“.
Анонимен функционер од НАТО, вклучен во набавката на американско оружје за Украина, нагласи дека не постоело никакво доцнење или застој во испораките поради финансирање. Според него, ракетите што се испраќаат преку програмата PURL пристигнуваат со најголема можна брзина според капацитетите на американскиот логистички систем.
„Од јули досега, нема дополнителни прекини. Програмата се одвива според планот“, изјави тој.
Нагласи и дека структурата на американските резерви за ПВО значи дека спомнатото „доцнење со плаќање“ во Киев не може да влијае на испораките. „САД не одложува поради финансии“, додаде.
Иако ги негираше финансиските проблеми како причина за доцнењата, НАТО-претставникот призна дека загриженоста на украинскиот претседател е разбирлива.
„Зеленски е сосема во право – Украина критично се соочува со недостиг од муниција, особено од ракети PAC-2 и PAC-3“, рече тој. Дури и механизмот PURL не може целосно да го задоволи бараниот обем кога Русија врши масовни напади и го преоптоварува украинскиот ПВО-систем.
„Логистиката е непредвидлива – не можеме точно да кажеме кој ден ракета ќе ја премине границата“, објасни официјалниот претставник, но повтори дека тоа не зависи од финансирањето, туку од логистичките синџири.
Зеленски, на Светскиот економски форум во Давос претходно годинава, го искажа незадоволството, посочувајќи дека „траншата од PURL не е платена – ракетите не дојдоа“. По таа изјава, НАТО соопшти дека неколку земји-партнери ќе ѝ помогнат на Украина со ракети од сопствени резерви.
Шест земји кои досега најмногу придонеле за набавка на американско оружје за Украина, според украинскиот амбасадор при НАТО, се: Норвешка, Холандија, Германија, Канада, Шведска и Данска.
Свет
ЕУ одобри 90 милијарди евра за Украина
Европскиот парламент денеска го одобри пакетот финансиска помош за Украина во висина од 90 милијарди евра, наменет за поддршка на јавните служби и одбранбените капацитети на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави брзото гласање и порача: „Храброста на Украина е непоколеблива. Како и решителноста на Европа да биде на нејзина страна. Денес и утре!“
Средствата ќе се распределуваат преку два главни механизми: 30 милијарди евра: како макроекономска поддршка (макрофинансиска помош или преку инструментот „За Украина“); 60 милијарди евра: за јакнење на украинската одбранбена индустрија и набавка на воена опрема, вклучително и од ЕУ-производители.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, го нарече гласањето „витален спас за Украина“, нагласувајќи дека средствата ќе обезбедат континуитет на јавните служби и ќе ја зајакнат одбраната.
Пакетот сè уште треба формално да го одобри Советот на ЕУ, по што Европската комисија ќе може да ја исплати првата транша, очекувано во вториот квартал од 2026.
Претходно, ЕУ-членките се согласија дека во 2026 и 2027 Украина ќе се финансира преку задолжување на пазарите на капитал, бидејќи не беше постигнат консензус за користење на замрзнатиот руски имот.

