Свет
(Видео) Американците: Историска заплена на иранско оружје наменето за Хутите
Американската војска објави дека Националните сили на отпорот (NRF) на Јемен, предводени од генералот Тарек Салех, успешно пресретнале и заплениле најголема пратка иранско оружје во нивната историја.
Yemeni Partners Successfully Interdict Massive Iranian Weapons Shipment Bound for the Houthis
Congratulations to the Yemeni National Resistance Forces (NRF), led by Gen. Tareq Saleh, for the largest seizure of Iranian advanced conventional weapons in their history.
The NRF… pic.twitter.com/4QXAav1bbr
— U.S. Central Command (@CENTCOM) July 16, 2025
Станува збор за повеќе од 750 тони муниција и воена опрема што биле наменети за проиранското движење Хути.

Запленетиот товар вклучувал стотици крстосувачки, противвоздушни и противбродски ракети, боеви глави и системи за наведување, како и голем број мотори за беспилотни летала, радарски системи, опрема за воздушна одбрана и комуникациски уреди.

„Им честитаме на Националните сили на отпорот за ова историско запленување на напредно иранско оружје“, се вели во соопштението на Централната команда на САД (CENTCOM). Тие додадоа дека оваа акција е јасна потврда за посветеноста на НРФ кон безбедноста на Јемен, Црвеното Море и Аденскиот Залив, како и за почитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Командантот на Централната команда, генерал Мајкл Ерик Курила, ги пофали јеменските сили:
„Ги пофалуваме легитимните владини сили на Јемен за продолжувањето на пресретнувањето на иранското оружје наменето за Хутите. Оваа заплена покажува дека Иран продолжува да игра најдестабилизирачка улога во регионот. Ограничувањето на слободниот проток на иранска поддршка за Хутите е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на регионот и слободата на навигација“, рече генерал Курила.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По критиките од Трамп, Лондон објасни зошто не дозволил користење на базите за напади врз Иран
Даунинг стрит реагираше на изјавата на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од премиерот Кир Стармер затоа што не дозволил веднаш САД да ги користат британските воени бази за започнување офанзивни напади врз Иран.
Официјалниот портпарол на премиерот изјави дека Обединетото Кралство донело внимателна одлука да не се вклучува во офанзивни акции, бидејќи сака да придонесе кон решение на ситуацијата во регионот.
Тој појасни дека американското барање за користење на базите во одбранбени цели се совпаднало со иранските напади врз британските интереси и загрозување на британските граѓани. На тоа барање, додаде, Обединетото Кралство „одговорило соодветно“.
Претходно денеска Трамп изјави за британски весник дека на Стармер му требало „предолго“ да се предомисли.
„Тоа веројатно никогаш досега не се случило меѓу нашите земји“, изјави американскиот претседател за „Телеграф“.
„Звучи како да бил загрижен во однос на законитоста“, додаде Трамп.
Премиерот на Обединетото Кралство подоцна го прифати американското барање за користење на британските бази за одбранбени напади врз складишта на ирански ракети или нивни лансирни позиции.
Фото: ЕПА
Свет
Не сме во војна, порача Лондон по нападот врз базата на Кипар
Британската влада соопшти дека Обединетото Кралство не е во војна, и покрај нападот со дрон од иранско производство врз базата на Кралското воено воздухопловство (РАФ), Акротири, на Кипар.
Според британските власти, дронот ја погодил пистата доцна во неделата. Нема повредени, а штетата е оценета како минимална. Подоцна биле пресретнати уште два дрона насочени кон островот.
Министерот за Блискиот Исток Хамиш Фалконер изјави дека Иран не смее да располага со балистички ракети насочени кон регионот и повика на дипломатско решение.
Велика Британија не учествувала во почетните напади врз Иран, но премиерот Кир Стармер во неделата дозволи САД да ги користат британските бази за одбранбени напади врз ирански ракетни системи. Владата нагласи дека базите не смеат да се користат за напади врз политички или економски цели во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е разочаран од одложувањето на британската одлука. Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека од безбедносни причини се преместуваат семејствата на персоналот од базата.
Свет
Израел соопшти дека ликвидирал висок функционер на Хезболах во прецизен напад
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во прецизен напад во Бејрут го убиле Хусеин Маклед, за кого тврдат дека бил на чело на разузнавачкиот штаб на Хезболах.
„ИДФ потврдува дека во синоќешен прецизен напад во Бејрут е елиминиран Хусеин Маклед, кој служеше како шеф на разузнавачкиот штаб на Хезболах“, се наведува во соопштението.
Нападот доаѓа откако Хезболах официјално се вклучи во конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, отворајќи нов фронт со ракетни и дрон-напади од јужен Либан. Израел потоа изврши одмазднички удари врз цели на групата во Либан.
Фото: ЕПА

