Свет
(Видео) Американци и Русин тргнаа кон Меѓународната вселенска станица: „Неверојатно возење“
Ракета на компанијата „Спејс икс“, основана од претприемачот и милијардер Илон Маск, полета од Флорида рано утринава превезувајќи екипаж од тројца американски астронаути и руски космонаут на пат кон Меѓународната вселенска станица на шестмесечен престој во научната мисија во Земјината орбита.
Двостепена ракета „Фалкон 9“, која носи автономно управувана капсула „Кру драгон“, наречена „Ендевор“, беше лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Кејп Канаверал на брегот на Атлантикот на Флорида.
Девет минути по лансирањето, капсулата „Ендевор“ стигна до својата почетна орбита и се одвои, сето тоа емитувано во живо од капсулата на кое се прикажани четворицата членови на екипажот врзани заедно и облечени во бели и црни костими за летови со шлемови.
„Какво неверојатно возење до орбитата“, рече астронаутот Метју Доминик (42), командант на летот, еден од тројцата почетници во вселенски летови, во контролниот центар надвор од Лос Анџелес. „Голема благодарност до ‘Спејс икс’“.
„Навистина е чест да се лета со ова летало од новата генерација со нова генерација на екипаж“, рече ветеранот на НАСА, д-р Мајкл Барат (64), седејќи во капсулата до Доминик.
Четворицата членови на екипажот треба да пристигнат до вселенската станица рано во вторник по 16-часовен лет приклучувајќи ѝ се со орбиталната лабораторија на приближно 420 километри над Земјата.
Означена како „Екипаж 8“, мисијата го означува осмиот долготраен екипаж на Меѓународната вселенска станица што НАСА го испрати на ракета на „Спејс икс“ откако приватниот ракетен потфат основан од милијардерот Илон Маск и со седиште во близина на Лос Анџелес во 2002 година почна да испраќа американски астронаути во орбитата во мај 2020 година.
Последниот екипаж на Меѓународната вселенска станица е предводен од Доминик, пилот на американската морнарица, кој оди на своето прво патување во орбитата, и Барат, лекар што веќе двапати бил на Меѓународната вселенска станица.
Тимот го заокружуваат астронаутот на НАСА, Жанет Епс (53), вселенски инженер и поранешен технички разузнавач на ЦИА, и космонаутот Александар Гребенкин (41), поранешен инженер за воени авиони. И тој и Епс, како и Доминик, се на својот прв лет до Меѓународната вселенска станица.
Гребенкин е последниот космонаут што лета со американско вселенско летало според договорот за споделување транспорт потпишан во 2022 година од НАСА и руската вселенска агенција „Роскосмос“, и покрај зголемените тензии меѓу Вашингтон и Москва поради руската инвазија на Украина.
Мисијата „Екипаж 8“ ќе биде пречекана во вселенската станица од седум патници – тројца Руси и четворица астронаути на „Екипаж 7“, двајца од НАСА, еден од Јапонија и еден од Данска.
„Екипаж 7“ се очекува да замине од вселенската станица за Земјата околу една недела по пристигнувањето на „Екипаж 8“, а астронаутите ќе останеат на вселенската станица до крајот на август изведувајќи околу 250 експерименти во микрогравитациската средина на орбиталната платформа.
Меѓународната вселенска станица, со должина на фудбалско игралиште, како најголем човечки објект во вселената, континуирано е управуван од конзорциум предводен од САД и Русија, кој ги вклучува Канада, Јапонија и 11 европски земји.
НАСА соопшти дека е посветена на одржување на Меѓународната вселенска станица во функција најмалку уште шест години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

