Свет
(Видео) Брачна двојка спасена од јахта во близина на Австралија: „Условите беа екстремни“
Две лица се спасени од јахта откако биле заглавени во текот на ноќта во екстремни временски услови во близина на јужниот брег на Нов Јужен Велс, пишува Гардијан.
Спасувачката операција започна вчера, но беше прекината во текот на ноќта поради екстремни временски услови.
Во акцијата учествувале полицијата и морнарицата, а ситуацијата ја влошил ветерот кој дувал меѓу 50 и 70 километри на час, а брановите достигнале и шест метри.
Јахтата на која се наоѓале доживеала механички дефект и почнала да навлегува во вода. Полицијата пуштила помал морски чамец, а од бродот еден по еден морале да скокнат 60-годишен маж и 48-годишна жена.
„Тие се уморни, но неповредени“, изјави инспекторот Ентони Бразил.
Јахтата останала на море. „Наш приоритет е спасување животи, а не бродови“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да не одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.
Свет
Трамп избра нов јавен обвинител
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го именуваше поранешниот државен обвинител на Флорида, Пем Бонди, за негов нов државен обвинител, позиција во САД која вклучува и управување со Министерството за правда, откако Мет Гец ја повлече својата кандидатура.
„Пем беше обвинител речиси 20 години, каде беше исклучително строга кон насилните криминалци и ги направи улиците на Флорида безбедни за семејствата. Потоа, како прва жена државен обвинител на Флорида, работеше на запирање на трговијата со смртоносни дроги и намалување на трагедиите од предозирање со Фентанил, кој опустоши толку многу семејства низ нашата земја. Таа заврши толку добра работа што за време на мојот прв мандат ја замолив да служи во нашата Комисија за опиоиди и злоупотреба на дроги – спасивме многу животи!“, рече Трамп во изјавата на неговата социјална мрежа.
Името на Пем Бонди почна да се споменува речиси веднаш откако Гец ја повлече својата кандидатура, а еден извор запознаен со дискусиите рече дека веќе слушнале дека Трамп се наклонува кон нејзиниот избор.
Првичното решение за оваа позиција беше Мет Гец, имено, соочен со обвинувања дека плаќал за сексуални услуги, вклучително и 17-годишна малолетничка, беше најконтроверзниот избор на Трамп за новата администрација, а во четвртокот тој се повлече, велејќи дека не сака да биде товар на новата администрација на Трамп.
Свет
Ким Џонг-Ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се соочил со такви ризици од нуклеарна војна како сега, објави во петокот државниот медиум КЦНА.
„Никогаш досега завојуваните страни на Корејскиот полуостров не се соочиле со толку опасен и акутен конфликт што може да ескалира во најразорната термонуклеарна војна“, рече Ким во говорот на изложбата на оружје во Пјонгјанг во четвртокот.
„САД имаат агресивна и непријателска политика“
Тој исто така рече дека од неговото претходно искуство во преговорите со Вашингтон, добил само дополнителна потврда за неговата „агресивна и непријателска“ политика против Пјонгјанг.
„Во преговорите со САД веќе отидовме колку што можевме, но она во што се уверивме од резултатите не е подготвеноста на суперсилата за коегзистирање, туку нејзиниот фундаментален однос на моќ и нејзината агресивна и непријателска политика кон нас, која никогаш не може да се промени“, рече Ким, а пренесе КЦНА.
За време на првиот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, тој и Ким одржаа три средби во Сингапур, Ханој и на корејската граница во 2018 и 2019 година. Но, нивните дипломатски напори не постигнаа конкретен исход поради разликите меѓу американските повици за Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и барањата на Ким за укинување на санкциите, потсетува Ројтерс.
Трамп долго време ги промовираше своите врски со Ким, велејќи минатиот месец дека двете земји „би имале нуклеарна војна со милиони убиени луѓе“, но ја спречил благодарение на нивната врска.
Севернокорејските државни медиуми сè уште јавно не го спомнаа реизборот на Трамп за претседател на САД.
Во говорот во четвртокот, Ким повика на развој и надградба на оружјето до „ултрамодерно“ и вети дека ќе продолжи да ги подобрува одбранбените способности за да ја зајакне стратешката позиција на земјата, објави КЦНА од настанот на кој беа претставени стратешкото и тактичкото оружје.
Последниот говор на Ким дојде во време на меѓународна критика за продлабочување на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, при што Северна Кореја испрати повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.
Минатата недела, Ким ја повика својата војска да ги подобри способностите за војување, обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за поттикнување на тензиите до „најлошата фаза во историјата“, нарекувајќи го Корејскиот полуостров „најголемо жариште на светот“.