Свет
(Видео) Војна на улиците во Мексико поради апсењето на синот на Ел Чапо
Во мексиканскиот Кулијакан избувнаа судири меѓу безбедносните сили и припадниците на моќниот наркокартел Синалоа, чиј поранешен лидер е Хоакин Гузман, попознат како Ел Чапо.

Причината за конфликтот било апсењето на синот на Ел Чапо, Овидио Гузман Лопез, кој полицијата го пронашла при рутинско пребарување на неговиот дом.
Според Би-би-си, членовите на Синалоа организирале голем напад за да го извлечат помладиот Гузман од затвор што е можно побргу. Засега нема официјални извештаи за судирот, но се појавија фотографии на кои се гледаат мртви тела и запалени автомобили во градот. Објавени се и снимки од конфликтот на кои се слушаат истрели. Наводно, по бунтот, тој набргу бил пуштен на слобода.

Помладиот Гузман ја презеде улогата на неговиот татко во картелот. Според Би-би-си, Гузман е на возраст од дваесетина години и се бара во САД за трговија со дрога.
Еден од најмоќните светски наркобосови, 62-годишниот Ел Чапо, е осуден на доживотен затвор плус 30 години дополнителна затворска казна.
„Овде нема правада“, кусо рече Ел Чапо по пресудата во јуни, која му ја изрече судот во Њујорк.
Ел Чапо ја почнал својата шверцерска кариера работејќи на плантажи за марихуана во колумбиската држава Синалоа, но сега се чини дека остатокот од својот живот ќе го мине во затворот познат како Алкатраз на карпите – федерален затвор со најстроги безбедносни мерки лоциран во сојузната американска држава Колорадо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.

