Свет
(Видео) Во Кина отворен највисокиот мост во светот
Кина официјално го отвори највисокиот мост во светот. Мостот во кањонот Хуаџијанг се издига 625 метри над клисурата во кинеската покраина Гуиџоу. Тој е за 289 метри повисок од претходниот рекордер, вијадуктот Мијо во Франција.
Според официјалните лица, мостот ќе го скрати времето на патување помеѓу двете страни на кањонот од два часа на само две минути.
Станува збор за висечки мост од челични решетки со вкупна должина од 2.890 метри. Челичните решетки на мостот тежат вкупно околу 22.000 тони, што е еквивалентно на тежината на три Ајфелови кули.
Изградбата официјално започна на 18 јануари 2022 година.
Порано оваа година, во август, тест тим возеше 96 камиони до одредени точки на мостот за да го тестира неговиот структурен интегритет.
Мостот сега го држи рекордот за највисок мост во светот, како и за мост со најдолг распон изграден во планинска област.
Гуиџоу е планинска провинција со исклучително сложен терен, а мостот го преминува длабокиот и тесен кањон Хуаџијанг, кој локалното население го нарекува „пукнатина во земјата“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

