Свет
(Видео) Демонстрантите во Виена го осудија исламскиот екстремизам
Група активисти маршираа на улиците во Виена синоќа протестирајќи против тероризмот и расизмот. Австриската престолнина претрпе смртоносен напад од џихадистите минатата недела, пренесува РТ.
Демонстрантите носеа знамиња на АНТИФА и транспаренти, на кои пишуваше „Заедно против тероризмот“ и „Заедно против ИСИС“ додека маршираа од градската опера до местото на нападот што се случи на 2 ноември. Тие ги осудија исламистичкиот екстремизам и омразата кон верските и етничките малцинства.
„Според мене, религиите се мирољубиви, иако некои луѓе шират омраза. Важно е да се потсетиме дека треба да дејствуваме солидарно“, изјави студент што присуствуваше на маршот за новинската агенција „Раптли“.
„Во Виена и во многу други делови на светот во моментот имаме голем проблем со крајнодесничарската политика. Пред неколку месеци имаше фашистички маршеви во Виена“, рече Аксел Магнус, активист на трговскиот синдикат.
Минатата недела вооружен напаѓач уби четири лица и рани уште 23 лица во центарот на градот пред да биде застрелан од полицијата. Сторителот бил 20-годишен маж, роден во Австрија, со албанско потекло, кој бил симпатизер на Исламската држава.
Исламската држава подоцна ја презеде одговорноста за нападот. Водечката муслиманска невладина организација во земјата, Исламскиот верски орган на Австрија, го осуди нападот.
По нападот, група десничарски активисти одржаа протест со факли во Виена повикувајќи ги властите да преземат повеќе активности против исламистичките радикали и да ги заострат законите за миграција. Тие се соочија со контрадемонстранти, кои ги етикетираа како нацисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos
Свет
Кој е Али Ларијани, човекот што ја презема лидерската функција во Иран?
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.
Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.
Фото: ЕПА

