Свет
(Видео) Демонстранти се обидоа да урнат споменик на американски претседател во близина на Белата куќа
Демонстранти се обидоа да го урнат споменикот на Ендрју Џексон, седмиот американски претседател, во парк во близина на Белата куќа, но полицијата ги растера пред да успеат да ја срушат статуата со јажиња.
Толпата се обиде да ја урне статуата на Џексон што се наоѓа на плоштадот Лафајет, едно од главните жаришта на судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Познатата бронзена статуа е последна во низата споменици кои демонстрантите низ САД се обидоа да ги уништат откако невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд почина при полициско апсење кон крајот на мај. Станува збор за споменици на историски личности кои демонстрантите ги сметаат за расистички или, пак, ги поврзуваат со ропството во САД.
Трамп на „Твитер“ напиша дека многу луѓе биле уапсени за, како што оцени, срамниот вандализам во паркот Лафајет и за оштетување на надворешноста на црквата во близина на плоштадот.
„Десет години затвор според законот за зачувување на спомениците. Бидете внимателни“, предупреди Трамп.
Инцидентот се случил кога демонстрантите, кои главно носеле маски поради пандемијата, ја пробиле речиси двометарската ограда подигната изминатите денови за да се заштити споменикот во центарот на паркот.
Толпата потоа со жолта боја го исшарала постаментот на споменикот и врзала јажиња околу Џексон и неговиот коњ, по што се обидела да го откорне споменикот.
Десетици припадници на безбедносните сили интервенирале и ги растерале демонстрантите со палки и солзавец.
Џексон бил претседател во два мандата, од 1829 до 1837 година, со популистички карактеристики, поради што понекогаш се споредува со Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп за претседателот на Парагвај: Млад и згоден, но јас сакам жени
Денеска беше одржан првиот состанок на Одборот за мир на Доналд Трамп, на кој говореше и американскиот претседател. Покрај заканите упатени до Иран и планот за Газа, тој го коментираше и физичкиот изглед на 47-годишниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења.
„Млад, згоден човек. Секогаш е убаво да се биде млад и згоден. Тоа не значи дека мора да го сакаме. Не сакам млади, згодни мажи. Сакам жени. Мажите воопшто не ме интересираат“, рече Трамп.
Trump: Young, handsome guy. Always nice to be young and handsome. Doesn’t mean we have to like you. I don’t like young, handsome men. Women I like. Men I don’t have any interest. pic.twitter.com/E7P1qhExyp
— Acyn (@Acyn) February 19, 2026
За време на основачкиот состанок во Вашингтон, Трамп испрати и порака до Иран дека мора да постигне „суштински договор“ за запирање на својата нуклеарна програма или, како што рече, „ќе се случат лоши работи“.
Тој додаде дека други земји веќе придонеле со повеќе од седум милијарди долари за помош за Газа во рамки на иницијативата на Одборот за мир.
Свет
Одборот за мир на Трамп со план за поствоена Газа: Нова управа и демилитаризација
На состанокот на Одборот за мир, поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, високи претставници денеска претставија рамка за поствоено управување, безбедност и обнова на Газа, јавува „Анадолија“.
Предлогот предвидува формирање нови административни тела, преодни палестински полициски сили и целосна демилитаризација.
Генералниот директор на Одборот за мир, Николај Младенов, најави формирање Канцеларија на висок претставник за Газа, која ќе обезбедува поддршка на идното цивилно раководство на Појасот Газа.
„Денес со големо задоволство објавуваме дека формираме Канцеларија на висок претставник за Газа при Одборот за мир, која ќе биде тука да го поддржи, насочува и помага Националниот комитет за управување со Газа, со цел, се надеваме, да се отстранат пречките со кои ќе се соочи при преземањето на цивилната и административната контрола врз Појасот Газа“, изјави Младенов.
Тој посочи дека канцеларијата ќе работи под надзор на Одборот и неговото извршно тело, во координација со израелските и палестинските институции, како и со меѓународните стабилизациски сили.
Младенов потврди дека почнал процес на регрутација на преодните палестински полициски сили.
„Од утрово го започнавме процесот на регрутација на палестинските полициски сили… и веќе во првите часови имаме 2.000 пријави од лица кои сакаат да се приклучат на новата преодна палестинска полиција која ќе биде формирана во Газа под надлежност на Националниот комитет, со поддршка од Одборот за мир, а обуката ќе се одвива во Египет“, рече тој.
Тие сили, според него, ќе имаат клучна улога во воспоставувањето ред за време на преодниот период и во ставањето на оружјето под контрола на една цивилна власт.
Младенов им се заблагодари на Катар, Египет и Турција за поддршката и нагласи дека обновата зависи од разоружување.
„Нема друга опција освен целосна демилитаризација и отстранување на целото оружје во Газа за да може обновата да започне и луѓето да добијат нова перспектива за живот во иднина“, изјави тој.
На состанокот говореше и поранешниот британски премиер Тони Блер, кој оцени дека со децении управувањето со Газа било обележано со екстремизам, корупција и неефикасни институции.
„Ова е визија за Газа како дел од Блискиот Исток во мир… вистинска посветеност на регион во кој, без разлика дали сте муслиман, Евреин, христијанин или не припаѓате на ниту една вера, можете да напредувате со сопствен труд и да чувствувате дека вашата влада е со вас, а не против вас“, рече Блер.
Тој додаде дека предложената рамка на претседателот Трамп „останува најдобрата, па дури и единствената надеж за Газа, регионот и поширокиот свет“.
Свет
Семејството на Вирџинија Џуфре го поздрави апсењето на Ендрју
Братот и снаата на Вирџинија Џуфре изјавија дека „славеле“ по веста за апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор.
Џуфре, која почина минатата година, беше една од најпознатите тужителки во аферата со Џефри Епстин и го обвинуваше Маунтбатен-Виндзор за сексуален напад. Тој сега е уапсен под сомнение за злоупотреба на положба и овластувања, пренесува „Би-Би-Си“.
Аманда Робертс, сопруга на братот на Џуфре, Скај Робертс, изјави за „Би-Би-Си“ дека семејството се надева оти апсењето може да претставува пресвртница.
„Се надеваме дека оваа истрага сега ќе поттикне и отворање понатамошна истрага за обвинувањата за сексуален напад. И тоа е веќе победа“, порача таа.
Вирџинија Џуфре тврдеше дека Маунтбатен-Виндзор сексуално ја нападнал трипати додека била тинејџерка. Тој постојано ги отфрлаше тие наводи. Случајот во 2022 година беше завршен со вонсудска нагодба, која не вклучуваше признание на одговорност ниту извинување.

