Свет
(Видео) Детали за нападот во Хамбург: напаѓачот што уби седум лица бил поранешен член на Јеховините сведоци
Синоќа, во 21.15 часот силни полициски сили и голем број амбулантни возила беа испратени во Алстердорф пред зградата во која се наоѓаат Јеховините сведоци.
Таму нашле крвопролевање. По пристигнувањето на местото на настанот, специјалните сили и полициските службеници за итна помош влегле во зградата и слушнале истрел. Се претпоставува дека напаѓачот се самоубил.
Потоа наишле на мртви и ранети, кои почнале да ги вадат од зградата.
Според досегашните информации, загинале седум лица, а најмалку осум се ранети, а некои се во многу тешка состојба. Според информациите на германските медиуми, едно лице починало во болница.
„Имаше пукање на последниот кат и таму беше пронајдено мртво лице. Претпоставуваме дека тоа е сторителот“, изјави Холгер Верен од полицијата во Хамбург за германскиот портал t-online.de. Сè уште не е јасно дали навистина се работи за сторителот.
Според информациите од безбедносните кругови, полицијата во Хамбург ги квалификувала престрелките како варварски изолиран чин. Заднината на пукањето или мотивот сè уште се нејасни.
Кој е напаѓачот?
Неговиот идентитет сè уште не е објавен. Полицијата најави прес-конференција напладне за да открие повеќе информации.
Германските медиуми јавуваат дека напаѓачот наводно е поранешен член на заедницата на Јеховините сведоци и има меѓу 30 и 40 години.
Тој убивал луѓе со пиштол за кој сè уште не се знае дали го поседувал легално. Досега не ѝ бил познат на полицијата.
Покрај големиот број полицајци на местото на настанот, над зградата прелета и хеликоптер.
„Во четири наврати слушнав истрели. Помеѓу истрелите имаше од 20-ина секунди до една минута молчење. Погледнав низ прозорецот и видов едно лице како избезумено трча од приземјето кон првиот кат на зградата на Јеховините сведоци. Подоцна видов дека полицајците вадат луѓе на улицата“, вели студентот, кој живее во зградата спроти.
Таа додаде дека во зградата често имало разни настани и дека секогаш имало метеж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

