Свет
(Видео) Евакуирани речиси 420.000 жители на Кина, налетите на ветерот се 230 километри на час
Супертајфунот Јаги стигна до јужниот кинески остров Хаинан, со ветрови што дуваат со брзина поголема од 230 км/ч, а државните медиуми јавуваат дека речиси 420.000 жители се евакуирани како мерка на претпазливост.
Јаги би можела да стане најсилната бура што ја погодила јужна Кина во последните десет години, а се очекува со еднаква жестокост да го погоди и соседен Виетнам.
Официјалната новинска агенција „Ксинхуа“ пишува дека супертајфунот падна на копно и го погоди брегот на Хаинан во близина на Венчанг на североистокот на островската провинција во 16.20 часот по локално време. Со екстремно обилни врнежи, тајфунот со ветрови што достигнуваат и до 234 км/ч може да предизвика катастрофални штети на овој остров, популарна туристичка дестинација позната по песочните плажи и луксузните хотели.
【Breaking News】 Typhoon yagi has just landed in Hainan. The Baojin Primary School Station in Wenchang recorded a minimum air pressure of 922.0 hpa, breaking the record for the lowest sea level pressure measured on land in China pic.twitter.com/sqfJuQxzLB
— Jim (@yangyubin1998) September 6, 2024
Како дел од превентивните мерки, властите во Хаинан досега евакуираа 419.367 жители, затворија неколку туристички места и воведоа рестрикции за возачите, јавува „Ксинхуа“.
Кинеското Министерство за водни ресурси во четвртокот ги подигна вонредните мерки на трето, највисоко ниво за справување со поплавите во Хаинан и соседната јужна провинција Гуангдонг.
„Јаги, веројатно, ќе заврши како најсилниот тајфун што го погодил јужниот брег на Кина од 2014 година, што ќе ја отежне работата за спречување поплави“, објави „Ксинхуа“ по состанокот на претставниците за контрола на поплавите.
Јаги само во петокот вечерта помина најмалку 400 километри од Хонг Конг носејќи со себе обилни врнежи.
Во петокот привремено беше прекината работата на берзата во Хонг Конг, училиштата беа затворени, а јавниот превоз беше ограничен. Властите известија тројца повредени. Пороен дожд и в петок продолжува да врне во градот со еднаков интензитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Европејците избраа војна, Унгарија мора да каже „не“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека војната претставува голем ризик за Унгарија, бидејќи, како што рече, „за разлика од САД, Европејците одлучија да ја поддржат војната и ќе ѝ обезбедат на Украина сè што ѝ е потребно за водење војна“.
– Порано или подоцна ќе испратат војници. Постојат писмени договори меѓу Франција и Велика Британија. Кога трупите ќе бидат испратени во Украина, војници ќе заминат и од Унгарија, особено ако земјата има влада која не може да каже ‘не’ во Брисел“, изјави Орбан.
Тој оцени дека за избегнување на вклучување во војната е потребна „памет“, додавајќи дека лидерите мора да бидат паметни, лукави и искусни.
– Можам да ја задржам Унгарија надвор од војна, за разлика од Иштван Тиса или Миклош Хорти, рече Орбан, алудирајќи на поранешни унгарски државници од периодот пред Втората светска војна.
Орбан изјави дека се спротивставува на „бриселската илузија“ дека војната нема да ја чини Европа ништо, бидејќи, според таа логика, Русија ќе плати репарации и ќе биде „плен“.
– Ако Унгарија влезе во војна, тоа би нè чинело нас, нашите деца и внуци во следните 10 до 20 години, затоа мораме да кажеме ‘не’, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарија не мора да зазема страна ниту со Украина, ниту со Русија.
– Јас стојам на страната на Унгарија. Имаме сопствени цели и национални интереси. Ќе купуваме гас и нафта од Русија и ќе тежнееме кон добрососедски односи со Украина по завршувањето на војната, изјави Орбан.
Според него, Унгарија не би можела да го задржи системот на ограничување на цените на комуналните услуги без евтина руска енергија, додавајќи дека прекинот на снабдувањето со руски гас и нафта би довел до повеќекратно зголемување на цените во споредба со соседните земји.
– Украина бара 800 милијарди евра за управување со државата во следните 10 години и уште 700 милијарди за воени цели. Таа сума би го финансирала унгарскиот пензиски систем 60 години и семејните субвенции 40 години, изјави Орбан.
Свет
Експлозии пријавени низ Иран
Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.
Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.
Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.
Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.
Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.
Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.
Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.
Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.

