Свет
(видео) Захарова: Никогаш нема да објават фотографии од нападите на „Северен тек“
Извршителите на терористичкиот напад на „Северен тек“ сè уште не се пронајдени, меѓу другото, поради немање политичка волја во земјите – Германија, Данска и Шведска – кои го истражуваат нападот да обезбедат транспарентност на истрагата, тврди портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесуваат руските медиуми.
Захарова уште еднаш истакна дека истрагата може да биде транспарентна само со учество на надлежните руски власти и на „Газпром“.
„И, навистина, нема информации за истрагата за ‘Северен тек’“, додаде Захарова.
По нотата од руската амбасада во Стокхолм од 12 април за итно споделување информации за околностите на терористичките напади на гасоводот, како и за инволвираните лица, Шведска само формално одговорила дека ‘истрагата е во тек’.
„Класичен маѓепсан круг. Театар на апсурдот“, заклучи Захарова и посочи дека не постои дијалог меѓу Русија и земјите што ја водат истрагата бидејќи тие земји се обидуваат да ги задржат недостапни информациите за нападот.
„Сепак, сè уште има некои информации. Во медиумите во западните земји се шират неосновани русофобични инсинуации, очигледно на предлог на армијата и на специјалните служби“, додаде таа потсетувајќи на информациите што данската армија ги достави до весникот „Информашон“.
Данскиот весник неодамна објави дека руски воен брод „СС-750“ е виден во зоната на експлозија на гасоводот четири дена пред инцидентот. Според објавените информации, на бродот наводно имало опрема за специјални операции на морското дно, а весникот посочи и дека данските разузнавачки служби располагаат и со најмалку 24 фотографии од рускиот брод.
Меѓутоа, како што посочува Захарова, фотографиите никогаш не беа, ниту ќе бидат објавени.
„Секој нормален ќе праша каде се тие фотографии. Да видиме. Но, нема да ги видите, поради, како што истакна Данска, нивната чувствителна природа“. Ваквите сознанија очигледно немаат цел да ја утврдат вистината, туку, напротив, наменети се да ја направат ситуацијата недоволно јасна“, вели Захарова додавајќи дека Западот сака да создаде алтернативни верзии на нападот и да го оттргне вниманието од вистината.
Во периодот од 19 до 24 септември 2022 година руската Балтичка флота во рамките на планските вежби увежбуваше практични дејства на морските полигони во Балтичкото Море, потсетува Захарова.
Силите и средствата на Балтичката флота вклучени во вежбата во наведениот период не можеле да се наоѓаат во зоната на терористичкиот напад на гасоводот „Северен тек 2“ поради големата географска оддалеченост на полигонот за борбена обука на флотата.
Сите активности за борбена обука на флотата биле изведени на полигоните во југоисточниот и централниот дел на Балтичкото Море, а експлозијата на гасоводот се случи во близина на данскиот остров Борнхолм. Сите активности на флотата во тоа подрачје би претставувале кршење на Конвенцијата на ОН за морското право.
Самиот факт дека новата верзија за наводната вмешаност на Русија се појави во западните медиуми по повеќе од шест месеци од настаните, според Захарова, е уште еден доказ дека продолжува кампањата за дезинформирање, што ја води Западот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

