Свет
(Видео) Италија им забрани на спасувачите да даваат вештачко дишење
Во период кога полека излегува од целосниот карантин поради пандемијата предизвикана од коронавирус, Италија усвои серија детаљни регулативи за спасувачите на плажа, вклучително и забрана за давање вештачко дишење за да се спречи зараза со коронавирус, пренесува „Мастер икс“.
И покрај безбројните регулативи донесени од италијанската влада за секој аспект на човековата активност, изготвен е цел пакет правила специјално за спасувачите во Италија додека нацијата се подготвува внимателно да ги отвори своите плажи.
За да се утврди дали жртвата сè уште дише, во прописите се вели дека спасувачот ќе мора да го процени дишењето само со прегледување на градите на жртвата во потрага по нормална респираторна активност, но без фронтално приближување до лицето на жртвата.
Ако е потребно, спасувачите треба да им дадат вештачко дишење на жртвите, но ќе смеат да користат само компресии на градите, без придружна вентилација. Тие ќе мора да ја проценат состојбата на свесност на давеникот со повикување, тресење и стимулирање.
Новите правила предвидуваат и дека спасувачот треба да отплива за да му помогне на пливачот во неволја само како последно решение откако првин ги исцрпил другите методи, како што се гуми за спасување и другите помагала.
Ако бидат принудени на физички контакт со пливачот, спасувачите треба да го изведат на брегот со помош на држач што не ги изложува на лицето на пливачот.
Италијанските медиуми ги поздравија новите ограничувања со благо исмејување истакнувајќи дека со оглед на самонаметните тешкотии при спасувањето на море, владата треба да оди до крај и да го забрани давењето.
И спасувачите ги пречекаа со критики новите норми.
„Сметам дека ова е апсурдно“, вели Марко Мајели, претседател на кооперативата „Лајфгард Коста Овест“, која ги координира активностите за спасување на брегот на Марина ди Кастањето Кардучи.
„Првата причина за давење е задушувањето. Без расчистување на дишните патишта, бескорисно е да се рестартира срцето: првите минути се пресудни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

