Свет
(Видео) Кенеди за исхраната на Трамп: Не знам како е сè уште жив, јаде навистина лоша храна
Американскиот секретар за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, се осврна на навиките за јадење на Доналд Трамп, велејќи во подкаст дека е изненаден што претседателот на САД е сè уште жив со оглед на количината на она што тој го нарече „отров“ што ја внесува секој ден.
Кенеди беше гостин во подкаст воден од Кејти Милер, сопруга на заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер. Кога го прашаа кој има „најлуди навики во исхраната“, Кенеди кратко застана пред да одговори: „Претседателот“.
Health and Human Services Secretary Robert F. Kennedy Jr. opens up about President Donald Trump’s unhinged eating habits
"I don't know how he's alive, but he is."
— No Jumper (@nojumper) January 14, 2026
„Не знам како е сè уште жив“, рече Кенеди за Трамп, додавајќи дека претседателот „јаде навистина лоша храна – Мекдоналдс, чоколади и диетална Кока-Кола“. Според Кенеди, кога Трамп е во Белата куќа или во Мар-а-Лаго, тој се храни поздраво. Но, кога патува, често јаде брза храна „затоа што верува во неа и не сака да се разболи на пат“.
„Ако патувате со него, добивате впечаток дека се полни со отров цел ден и не знаете како воопшто оди, а камоли како успева да биде најенергичната личност што некогаш сме ја сретнале“, нагласи Кенеди.
По годишниот лекарски преглед на претседателот во април минатата година, лекарот на Трамп изјави дека претседателот е во „одлична здравствена состојба“, а Трамп им рече на новинарите дека чувствува дека е „во многу добра форма“, потсети Форбс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

