Свет
(Видео) Мишел Обама: Трамп е погрешен претседател, гласајте за Бајден како вашите животи да зависат од тоа
Доналд Трамп е погрешен претседател за САД и Американците мора да гласаат за Џо Бајден, доколку сакаат да ги одржат најосновните услови за функционално општество, изјави поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, во говорот подготвен за Националната конвенција на американската Демократска партија, која се одржува виртуелно поради коронавирусот.
„Трамп имаше повеќе од доволно време да докаже дека е во состојба да ја извршува должноста претседател, но тој очигледно е до гуша во проблеми и не е дораснат за тоа. Можеме да ставиме крај на овој хаос ако гласате за Џо Бајден, исто како вашите животи да зависат од тоа“, истакна Мишел Обама во обраќањето, снимено однапред во нејзиниот дом.
Критикувајќи го републиканецот Трамп за економските проблеми на земјата, немирите што избувнаа низ САД поради системски расизам и недостиг на американско лидерство на светската сцена, Обама рече дека, за разлика од него, демократот Бајден е пристоен човек кој знае што е потребно „за да се спаси економијата, да се спречи пандемијата и да ја води нашата земја“, наведува АП.
Реагирајќи на најавите дека говорот на Мишел Обама ќе биде снимен однапред за потребите на конвенцијата на Демократската партија, Трамп истакна дека неговото обраќање на Републиканската национална конвенција ќе биде во живо.
„Кој сака да го слуша говорот на Мишел Обама од снимка?“, праша Трамп на предизборниот митинг во американската сојузна држава Висконсин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски војник осуден на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник
Украински суд денес осуди руски војник на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник, прв таков случај од почетокот на руската инвазија на Украина.
Суд во југоисточниот град Запорожје го прогласи Дмитриј Курашов (27) за виновен за убиството на Виталиј Ходниук, украински војник кој се предаде на руските сили во јануари 2024 година.
Курашов, кој беше заробен од украинските сили заедно со други руски војници кратко по инцидентот, се изјасни за виновен на суд, иако подоцна им рече на новинарите дека е невин и сака да биде вклучен во размена на заробеници.
Неговата казна има симболично значење за Украина, која вели дека руските сили егзекутирале голем број украински воени заробеници, но осомничените обично се надвор од дофатот на украинската правда. Русија негира дека нејзините војници вршат воени злосторства.
Нападот во кој е убиен Ходниук се случил на 6 јануари 2024 година. Според обвинителите и сведоците, Ходниук се предал невооружен, клекнал, а Курашов го застрелал со митралез. Курашов тврди дека истрелите биле испукани од воен лекар по име „Седој“, кој подоцна починал. Рускиот напад бил краток.
фото: принтскрин
Свет
Ненси Пелоси објави дека ќе се пензионира
Ненси Пелоси, првата жена што стана претседател на Претставничкиот дом на САД, изјави дека нема да се кандидира на изборите во 2026 година, што го сигнализира крајот на нејзината четиридецениска кариера како прогресивна демократска икона, честопати критикувана од десницата.
„Нема да се кандидирам за реизбор во Конгресот. Со благодарно срце, се радувам на мојата последна година од службата“, рече Пелоси во видео порака објавена на X.
Претседателката на Претставничкиот дом Пелоси отслужи два мандата, од 2007 до 2011 година и од 2019 до 2023 година.
85-годишната Пелоси, која првпат беше избрана во Конгресот во 1987 година, во интервју за Ројтерс во 2022 година изјави дека жали што не победила на повеќе избори во својата долга кариера за да им ја одземе моќта на републиканците и да се осигура дека „суштество како Доналд Трамп никогаш нема да стане претседател на Соединетите Американски Држави“.
Свет
Папата: Потребно е итно да се достави хуманитарна помош во Газа
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, денес во Ватикан се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за итната потреба од прекин на конфликтот во Газа и за доставување хуманитарна помош.
Како што објави Ватикан, pапата ја повтори потребата од решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави.
Во соопштението се наведува дека за време на „срдечните разговори во Апостолската палата, двете страни ја нагласија итноста од обезбедување хуманитарна помош за цивилното население во Газа и ја нагласија важноста од прекин на конфликтот преку решение за две држави“.
Средбата се одржа по повод десетгодишнината од потпишувањето на Сеопфатниот договор меѓу Светата столица и Државата Палестина.
Денешниот разговор беше првата средба меѓу двајцата, бидејќи претходно комуницираа по телефон.
Еден ден пред средбата со папата Лав Четиринаесетти, Абас ја посети базиликата Света Марија Маџоре за да му оддаде почит на гробот на папата Францискo.
Посетата беше неговиот прв чин по пристигнувањето во Рим во средаta попладне.
„Дојдов да го видам гробот на папата Францискo, бидејќи не можам да заборавам што направи за Палестина и за палестинскиот народ. Не можам да заборавам дека ја призна Палестина, без никој да го замоли да го стори тоа“, рече Абас.
Фото: принтскрин

